Сите родители се надеваат дека нивните деца ќе бидат подобри од нив: попаметни, посигурни, поуспешни. Тоа се смета како доказ за успешно родителство. И обично, гледано низ генерации, тоа и било така, што го признававме и забележувавме од генерација до генерација. Но нешто се промени кај децата што денес растат.
Како стојат работите со когнитивните способности?
Додека помладите генерации се познати по својата емпатија, се чини дека нивните когнитивни способности првпат во историјата заостануваат зад оние на претходните генерации. Д-р Џаред Куни Хорвaт, наставник кој станал когнитивен невронаучник и се фокусира на човечкото учење, неодамна ја изнел својата загриженост за когнитивниот развој кај децата.
– Тажната вистина со која нашата генерација мора да се соочи е следната: нашите деца се помалку когнитивно способни отколку што ние бевме на нивна возраст. Откако го стандардизираме и мериме когнитивниот развој, од крајот на 19 век, секоја генерација ги надминувала своите родители, а токму тоа е она што го сакаме – паметни деца – изјави тој во своето обраќање пред членовите на американскиот Конгрес.
Хорвaт објасни дека причината за оваа појава е што секоја генерација поминува повеќе време во училиште од претходната. Генерацијата З не е исклучок по тоа прашање, но таа е првата што не постигнува вообичаен раст на когнитивниот развој. Според овој когнитивен невронаучник, падот е резултат на воведувањето екрани во училниците, што започнало околу 2010 година.
– Ако ги погледнете податоците, во 80 земји, по широко воведување на дигиталната технологија во училиштата, успехот значително паѓа до таа мера што децата кои користат компјутери околу пет часа дневно на училиште за учење постигнуваат повеќе од две третини стандардна девијација помалку од децата кои ретко или никогаш не користат технологија на училиште – рече Хорвaт.
Во повеќето случаи, таквиот пад на успехот не води кон развој на подобри стратегии за учење. Невронаучникот објасни дека наставниците, професорите и научниците укажале на тоа и истакнале што не функционира, но многу малку е направено по тоа прашање. Данска, како пример, тргнала во спротивна насока кога сфатила дека учениците заостануваат.
Неодамна, медиумот „Френс24“ интервјуира образовни работници во Данска откако не само што целосно ги укина мобилните телефони во училиштата, туку ги отстрани и таблетите и лаптопите и компјутерите од училниците. Данците се вратија на старомодни учебници, работни тетратки и писмени задачи. Резултатите веќе се видливи.
– Мислам дека најголемиот проблем беше тоа што откако некако се ослободивме од книгите и почнавме да користиме екрани, забележавме дека многу деца имаат проблеми со концентрацијата, па прилично лесно со три прста преминуваат на друг екран и, на пример, играат видеоигра во училница – вели Ислам Дијаб, наставник по англиски јазик од Копенхаген.
Сега Данска многу ретко користи компјутери, и тоа со строг надзор.