Игротека

Метода стара сто години го промени начинот на кој го гледаме развојот на децата

Лав Виготски, еден од највлијателните руски психолози на 20 век, засекогаш го промени начинот на кој го разбираме развојот на детето.

Во размислувањето на Лав Виготски се наоѓа едноставна, но моќна идеја: детето не учи најмногу кога го прави она што веќе го знае, туку кога се соочува со предизвици што му се „на дофат“, но сè уште не може да ги совлада самостојно. Таа зона меѓу способностите што веќе ги има и потенцијалот што се отвора со помош на другите се нарекува зона на наредниот развој.

Според овој прочуен руски психолог, токму во таа зона се одвива најинтензивниот ментален раст.

Кога детето добива поддршка од возрасните или од врсниците, тоа постепено ги усвојува вештините. Со текот на времето, она што некогаш било можно само со помош, детето почнува да го прави самостојно.

Виготски особено го нагласува значењето на социјалната средина. Учењето, според него, секогаш започнува во однос со другите преку разговор и соработка, а дури подоцна станува дел од внатрешните мисловни процеси. Затоа родителите, наставниците и старателите имаат клучна улога и тие се мост меѓу моменталните способности на детето и неговиот идeн развој.

Таа поддршка може да биде и само присуство на возрасна личност, за детето да се почувствува доволно храбро да испроба нова вештина.

Како родителите можат да ги применат овие идеи во секојдневниот живот?

Првиот чекор е разбирањето на детето, каде се наоѓа во моментот и кои се следните мали чекори што може да ги направи. Наместо задачите да бидат премногу лесни или премногу тешки, важно е да се понудат предизвици што се малку над нивото на детето, но остварливи со поддршка.

Еден од најважните пристапи во тој процес е таканаречениот „скафолдинг“ – постепено обезбедување помош. Тоа може да биде објаснување, давање примери, поставување прашања или благи насоки што му помагаат на детето самото да дојде до решение. Како што детето напредува, така поддршката постепено се повлекува.

Истовремено, важно е да се остави простор за самостојност. Кога детето добива можност самостојно да размислува, да греши и да пронаоѓа решенија, се зајакнуваат неговата самодоверба и способноста за независно заклучување. Отворениот разговор, внимателното слушање и размената на мислења дополнително им помагаат на родителите да го приспособат својот пристап на потребите на детето.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top