Како родители, често се прашуваме дали навистина е потребен антибиотик? Кога детето има висока температура, кашлица или болно грло, природно е да се надеваме на брзо закрепнување. Сепак, антибиотиците не се секогаш решение. Иако можат да спасат живот при бактериски инфекции, нивната претерана или непотребна употреба може да предизвика несакани последици.
Антибиотикот е оправдан во следните ситуации:
Докажан или висок сомнеж за бактериска инфекција – примери: пневмонија потврдена со рендген, тешка инфекција на уво со гној, бактериска инфекција на уринарниот тракт, менингитис, сепса.
Ризик од влошување на инфекцијата – кај новороденчиња, деца со ослабен имунитет, хронични болести или кога постои можност инфекцијата брзо да стане опасна.
Кога нема друго ефективно лекување – ако бактеријата е јасен причинител, симптомите се потешки или инфекцијата трае подолго, а нема докази дека станува збор за вирус.
Кога антибиотикот не е потребен
- Вирусни болести: обична настинка, грип, повеќето инфекции на горниот респираторен тракт, бронхиолитис.
- Благи инфекции на средно уво: често се применува пристапот „чекај и види“.
- Симптоми како кашлица, кивање, течење на носот, благо болно грло… што упатуваат на вирусен причинител.
Потенцијални штети од непотребна употреба
– Нарушување на цревната флора (микробиом), односно намалување на корисните бактерии како бифидобактериум или лактобацилус.

– Зголемен ризик од други болести како астма, алергии, воспалителни болести на цревата, дебелина; послаб имунолошки одговор на вакцини кај новороденчиња.
Развој на резистентни бактерии кои стануваат отпорни на стандардни терапии.
Несакани ефекти веднаш по примената: дијареја, мачнина, исип, алергиски реакции.
Насоки за родители кога детето треба да земе антибиотик
Дајте го лекот точно според упатствата: точна доза, интервал и времетраење.
Користете соодветна мерна алатка: орален шприц или мерка од аптека.
Почитувајте ги термините на земање: за да се одржи соодветна концентрација во организмот.
Следете ги знаците на подобрување: состојбата треба да се подобри во рок од 48-72 часа; ако не, контактирајте го лекарот.
Завршете ја целата терапија: со тоа ќе спречите повторување на инфекцијата и развој на отпорни бактерии.
Поддршка на организмот: одмор, течности, лесна и здрава исхрана.
Задолжително давајте пробиотици: по препорака на лекар, можат да ја заштитат цревната флора.
Чувајте го лекот на безбедно место: надвор од дофат на деца, на ладно и суво место, не користете лекови препишани за некој друг.
Антибиотиците се важни и често единствениот избор кај тешки бактериски инфекции, но не се лек за секоја болест. Пречеста и непотребна употреба може да има долгорочни последици за детето и за целото општество.