Кога 23-годишната мајка Тајри Кернс и нејзиниот свршеник ги споделија своите „10 правила за нашето дете“ на „Тик-ток“, не очекуваа дека ќе предизвикаат жестока дебата меѓу родителите на интернет. Но, токму тоа се случи.
Во објавата што брзо стана вирална, тие ги споделија семејните правила за своето речиси тригодишно дете, меѓу кои „никогаш ајпад“, седиште во спротивна насока сè додека мајката не одлучи поинаку и забрана за одредени ТВ-програми.
Оваа навидум безгрижна објава брзо се претвори во бурна дискусија за тоа каде завршува границата меѓу заштитата и дозволата. Во стотиците коментари се издвоија три главни теми: времето пред екран, седиштата во автомобил и автономија околу изгледот, особено косата.
Седишта во автомобил: Удобност или безбедност?
Американската академија за педијатрија препорачува децата да седат свртени наназад што е можно подолго, до висинскиот или тежинскиот лимит на седиштето. Истражувањата покажуваат дека оваа положба најдобро ги штити вратот, главата и ‘рбетот при судир.

Иако многу родители мислат дека децата се „свиткани“, експертите велат дека тоа не влијае врз удобноста, ниту безбедноста.
Екрани: ајпад ≠ телевизор
Правилото „без ајпад засекогаш“ отвори многу прашања. Експертите објаснуваат дека типот на екран и начинот на користење се поважни од целосната забрана.
Американската академија за педијатрија советува ограничена, квалитетна содржини за деца на возраст од 2 до 5 години, со родителско присуство. Педијатрите советуваат гледање заедно со родителите и разговор за содржината.
Автономија и избор дури и кога станува збор за фризурата
Неочекувано, едно од спорните „правила“ се однесуваше на тоа како треба да биде средена косата на детето. Иако звучи безначајно, тоа ја отвори темата за телесна автономија уште во најрана возраст.
Истражувањата покажуваат дека мали, насочени избори како избор меѓу две фризури ги зајакнуваат самодовербата и емоционалната стабилност кај детето.
„Правилото на здодевност“ што родителите го сакаа
Многумина ја пофалија одлуката на семејството да му дозволи на своето дете да му биде „здодевно“ и да игра самостојно. Експертите велат дека здодевноста ги поттикнува креативноста, решавањето проблеми и независноста.