ПРАШАЊЕ: Ве молам за совет за мојот 9,5-годишен син (единец). Тој не е хиперактивен, напротив мирен е културен и послушен. Проблемот е што тој е опседнат со едно другарче од одделение и сака само со него да си игра. Кога се заедно, мојот син му настапува како шеф, му кажува да го прави тоа и тоа или да не го прави. Исто така, кога сака да се вклопи во игра со негови врсници, сака ТОЈ да ги кажува правилата. Тој прв предлага игра, но ако не сакаат повеќето, се повлекува/ Разговарав со него дека не е убаво да биде опседнат со едно другарче затоа што во одделението се 15 и со сите треба да си игра, за да не зависи само од едно дете. Исто така, бракот не ни е баш во најдобро светло, но се трудиме да не се караме пред него. Дали мислите дека ова има влијание врз однесувањето на синот кон другарите? Со кој пристап, збор или игра да настапам за да нема зависност од едно дете? Неколку пати му имам објаснето дека не треба така, ама се лути. Дали е нормално ова за дете на негова возраст?
ОДГОВОР: Сосема ја разбирам вашата загриженост и го поздравувам вашиот обид за објективност во воспитанието. Се обидувате да ја видите реалната страна во социјалните односи на вашето дете и не ја критикувате неговата личност, туку го посочувате и критикувате неговото однесување, што е особено добро. Она што овде треба да се адресира е потребата на детето да биде поврзано и да владее со другото дете другарче. Тоа најчесто се случува кога детето се чувствува несигурно во поголема компетенција и социјална средина на врсници и се поврзува со едно дете од кое впрочем и станува зависно бидејќи не поставува, но и не ги почитува неговите граници, а сепак преку него ќе ја тестира и својата супериорност.

Тоа го прави да биде упорен, нападен, настојчив, односно да сака да владее со другото дете како што и самите вие опишавте. Ако ова е секундарната социјална средина на вашето дете, тогаш се навраќаме кон примарната социјална средина, а тоа е семејството. Ако релацијата на блиските членови и родителите со детето е базирана на преголема грижа и непоставување граница во меѓусебниот однос, тогаш таквиот однос детето ќе го реплицира во секундарната социјална средина. За да се зголеми тој квалитет во односите, препорачувам родителско советување во кое ќе се стекнат нови увиди, но и нови пристапи и вештини во меѓусебните односи.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com