Игротека

Кога родителската грижа преминува во строга контрола

Родителите им го посакуваат најдоброто на своите деца. Тоа е очекувано и разбирливо. Но, каде е границата меѓу здрава грижа и претерана контрола? Кога детето не добива доволно простор да учи, да прави грешки и да ја развива својата личност, родителите можат несвесно да направат повеќе штета отколку корист. Во продолжение ги издвојуваме петте најчести знаци дека контролата можеби излегла од рамнотежа.

Постојано надгледување и мешање

Ако родителот го следи секој чекор на детето, од домашните задачи до изборот на пријатели и постојано „влетува“ за да ги реши проблемите наместо него, тоа остава многу малку простор за развој на самостојност. Во такво опкружување децата тешко развиваат чувство на одговорност и самодоверба бидејќи постојано се потпираат на родителските одлуки, дури и кога не го сакаат тоа.

Забрана детето да донесува самостојни одлуки

Родители што сакаат да контролираат често одлучуваат наместо детето што да облече, што да јаде, па дури и со кого да се дружи. Иако намерата им е детето да не згреши, резултатот најчесто е несигурно дете кое со време развива страв од самостојно одлучување.

Реакции на грешките како на катастрофа

Во здраво воспитување, грешките се можност за учење. Но, родителите кои сакаат да контролираат сè често драматизираат кога детето ќе згреши без оглед дали станува збор за лоша оценка, скршен предмет или заборавена обврска. Овој пристап создава анксиозност и чувство дека неуспехот е крај на светот.

Стравот и анксиозноста на родителите како главен мотив

Многу родители (често несвесно) ги пренесуваат своите лични стравови и несигурности на детето. Ако родителот постојано е загрижен и замислува „најлошо можно сценарио“, лесно е да се премине во контролирање од страв не затоа што детето не може нешто да направи, туку затоа што родителот се плаши што би можело да се случи.

Последици: Детето не знае да функционира без родителот

Јасен знак дека контролата ја надминала границата е кога детето не знае да функционира без родителот. Тогаш тоа нема да знае самостојно да решава проблеми, не презема одговорност и се плаши од самостојност. Таквите деца често немаат иницијатива, избегнуваат ризици и тешко се приспособуваат на нови ситуации.

Извор

Поврзани написи

To top