Градот Самобор воведува нова мерка „Баба-дедо сервис“, со која бабите и дедовците ќе можат да добијат финансиски надомест за чување на своите внуци од предучилишна возраст. Според одлуката на градот, право на надомест имаат бабите и дедовците што се грижат за внуците постари од една година, под услов детето да не е запишано во градинка или во приватен сервис за чување поради недостиг на места.

Надоместокот ќе изнесува 360 евра месечно, што е во висина на субвенцијата за предучилишно образование во приватните градинки во градот.

Идеја инспирирана од шведскиот модел

Оваа мерка е инспирирана од шведскиот модел, каде што во јули минатата година беше воведен револуционерен закон што им овозможува на бабите и дедовците да им помогнат на своите деца и да добијат финансиска поддршка за чување на внуците до три месеци во првата година од животот. Според тој закон, родителите можат да префрлат дел од финансиската поддршка што ја добиваат за родителско отсуство на бабата или дедото на детето.

Кој може да го оствари правото?

За да биде корисник на оваа мерка, детето мора да има пријавено живеалиште во Самобор, а барем еден од родителите да е жител на градот најмалку една година пред поднесување на барањето. Исто така, и двајцата родители мора да бидат вработени или редовни студенти.

Бабите и дедовците кои сакаат да ја добијат оваа финансиска поддршка мора да бидат жители на Самобор, да бидат пензионери и да имаат добра здравствена состојба за да се грижат за детето. Дополнително, не смеат да користат други бенефиции од пензискиот систем.

Бабите и дедовците кои учествуваат во оваа мерка мора да обезбедат соодветна грижа за внуците, вклучувајќи исхрана, хигиена и безбедна средина за игра. Родителите ќе бидат обврзани на секои три месеци да поднесуваат извештај за реализацијата на мерката, а градот ќе врши надзор за правилна употреба на средствата.

Извор



912

X