Пристигна и моментот кога родителите на основците, најмногу оние што живеат во градовите, се соочуваат со важна одлука – што да правам за моето дете да не поминува часови пред екран, во отсуство на алтернативни активности за пополнување на времето?

Најдоброто решение за одмор без екран кој го имаат некои среќници е селото. Местото каде што дедо ги храни кокошките, а баба ги наводнува пиперките. Место каде што наутро детето само оди во кокошарникот да земе јајце и во градината да земе домати за појадок. А ако има друштво на улица во тоа село, честитки, го најдовте идеалното решение за вашето дете да има токму онакво детство што му е потребно. Барем за време на летниот распуст.

За оние што немаат среќа да го испратат своето дете на село, дизајнирани се летни кампови во градовите. Решение кое е навистина добра алтернатива, под услов претходно да прашате и да изберете сигурно место каде што детето ќе биде безбедно, во друштво со други деца и каде што ќе се забавува и ќе поминува многу време во активности на отворено.

На што треба да внимавате при изборот на летен камп на кој ќе го испратите вашето дете?

Кој ќе работи со децата?

Ако сте решиле да му обезбедите на вашето дете летен камп во период од една недела, важно е да знаете кој ќе работи со него. Секогаш прашувајте какво знаење, квалификации и искуство имаат луѓето кои ќе поминуваат време со вашето дете.

Какви активности ќе се организираат?

Самиот збор камп е поврзан со природа. Но, тоа не е секогаш случајот. Од организаторот побарајте да ги претстави активностите што ќе се спроведуваат, да објасни кој дел од времето децата ќе го поминат во игра, како и дали се планира играта да биде делумно слободна и делумно структурирана, за да може детето да има забава и учење во исто време.

Дали ќе биде организиран превоз?

Доколку живеете во еден дел од градот, а летниот камп чија програма навистина ви се допаѓа за вашето дете е во друг, пред да се откажете прашајте дали е организиран превоз на децата од дома до кампот и назад.

Колку деца ќе има во групата?

Сигурно не сакате уште дваесет други деца во групата каде што престојува вашето дете, освен ако не се грижат за нив неколку возрасни. Важно е да знаете со колку деца ќе работи едно лице, бидејќи тоа во голема мера влијае врз квалитетот на времето што вашето дете ќе го помине во кампот, но, пред сè, врз безбедноста.

Извор



912

X