Едукаторката за воспитување Тања Хрватин Шимичиќ сподели видео на својот инстаграм-профил во кое објаснува како треба да реагираат родителите кога детето се плаши. Клучот, објаснува воспитувачката, е да се поддржат децата, а не да се убедуваат да не се плашат од нешто, иако можеби навистина нема причина за страв.

Како што истакнува таа, соодветната поддршка ќе го натера детето да се ослободи од стравот и да се чувствува посигурно. Кога детето е исплашено, важно е да не го разубедуваме. Наместо тоа, важно е да го цениме тој страв, вели таа.

Не убедувајте ги децата дека нивниот страв не постои

Како пример, воспитувачката издвои случај во кој дете се исплашило од куче или косилка.

„Тоа е само куче“ или „Тоа е само косилка, не е ништо страшно, не треба да се плашиш“ се зборови што не треба да се користат, вели Хрватин Шимичиќ во видеото.

Наместо тоа, родителите можат да ги поддржат децата со тоа што ќе го признаат нивниот страв. Таа ја објаснува родителската поддршка користејќи ги истите примери: „Се плашиш, виде куче. Безбеден си, тука сум јас“ или „Слушна силен звук. Да, тоа е косилка. Баш беше силен звукот. Безбеден си, тука сум“.

Таа посочува дека давањето поддршка на детето околу стравот има позитивен ефект.

– Кога го именуваме стравот, детето развива свесност за себе и за своите емоции. Тогаш детето се чувствува посигурно и тоа ќе доведе до намалување на стравот – објаснува таа.

Спротивно на тоа, уверувањето на детето дека стравот не постои или дека детето нема од што да се плаши може да предизвика детето да престане да го слуша неговото тело и емоциите.

Извор



912

X