Знаете дека вашето дете влегува во пубертет кога ќе стане безобразно, кога ќе ви возвраќа и кога ќе се лути само затоа што дишете. Ова може да биде тешко за родителите кои имаат чувство како нивното дете да е заменето со друго дете што не го познаваат, но терапевтот Танит Кери во нејзината нова книга открива дека сето горенаведено е неопходно за детето кое е целосно зависно од вас да прерасне во независна возрасна личност која може самостојно да се движи низ светот без ваша помош.
– Ако вашето дете одеднаш почне да ве вика на име, и вие за него повеќе не сте мама или тато, тоа значи дека го доведува во прашање неговиот повозрасен идентитет. Всушност, тоа сака да ви покаже дека сака да го третирате како возрасен. Гледајте на тоа како наоѓање нов начин за поврзување – вели Кери.
Ако вашиот тинејџер има неуредна соба со куп облека, книги и уреди и не гледа проблем кога ќе му кажете дека собата му е неуредна, не очајувајте.
„Помогнете му на детето да научи да ги регулира емоциите“
Според Кери, ова е знак дека детската соба станала засолниште од правилата и очекувањата на возрасните. Со други зборови, тоа е место каде што можат да се релаксираат и да бидат свои.
– Вам ви изгледа како детето да е опкружено со хаос, но тоа не гледа така на работите. Сѐ додека мувлосаната храна или влажната облека не претставуваат опасност за здравјето, дозволете му на вашето дете да има контрола над неговата непосредна околина – вели таа.
Како што растат децата, тие почнуваат да се чувствуваат како возрасни и мислат дека треба да имаат поголемо влијание во нивните животи.
– Бидејќи знаат колку тоа ќе ве повреди, не е чудно ако ја изразат својата фрустрација со тоа што ќе ви кажат дека ве мразат. Ова покажува дека се чувствуваат доволно безбедно да го изразат својот гнев и се уверени дека нема да ги одбиете поради тоа. Помогнете му на вашето дете да научи да ги регулира своите емоции и објаснете му дека ќе разговарате за тоа кога сите ќе се смират – советува Кери.
И на крај, ако го прашате вашето дете што има ново на училиште и тоа ви каже „Ништо“, запомнете дека минува низ период во кој има приватни чувства и мисли.
– Во одреден момент децата ќе разберат дека не треба да знаеме сè што мислат и чувствуваат, и дека тие можат да одлучат што и до кој степен ќе споделат со нас. Ова е важен прв чекор во создавањето приватност и поставувањето граници – заклучи терапевтот.
912