Холанѓаните во последните години го заземаат светскиот врв кога станува збор за среќа, а како тие ги воспитуваат своите деца, објаснуваат две мајки во книгата „Најсреќното дете во светот“.
Секоја култура има свои белези и преубави начини на кои функционира, па и родителството не е исклучок од тоа правило. Интернетот е преполн со совети и приказни од разни земји, но добро е понекогаш да се погледне и во другите култури за да се научи нешто убаво од нив. Секоја година Холандија го зазема врвот на скалата со најсреќни луѓе, па вистинското прашање е во што се состои нивниот „таен рецепт“.
Оваа книга го објаснува тој феномен, а ја напишале две мајки, Американка и Британка, кои со своите семејства живеат во Холандија. Во книгата тие го опишуваат своето мајчинство, но и колку им било тешко да се вклопат во холандскиот стил на родителство. Со такво влијание нивниот пристап кон децата станал поемпатичен, со дефинирана цел и многу поопуштен.
Еве ги нивните совети околу родителството поради кои Холанѓаните се еден од најсреќните народи во светот.

1. Децата возат велосипед по дожд

Холанѓаните им дозволуваат на своите деца да возат велосипед и кога врне дожд (со вистинска опрема за таа цел) со што им ги зајакнуваат отпорноста, независноста и борбеноста. Би било убаво сите ние да имаме таква храброст, но повеќето од нас сакаат да останат во своите привилегирани и заштитени животи. Возењето по дожд не е едноставна работа, но е лекција која ги учи децата како да се подготват за неволји, како да продолжат кога ќе се соочат со нив и како да пронајдат магија во сето тоа – кога надворешната температура не е каква што посакуваме.

2. Се чувствуваат удобно во својата кожа

Мајките во Холандија имаат силно чувство на самодоверба. Тие не ги мерат своите вредности според она што го постигнуваат на работа, како во другите западни култури. Многу време им посветуваат на храната и негувањето и градат силни врски во заедницата, што е вообичаено во холандската култура.

3. Создаваат нови правила со своите деца

Холандските родители се ангажирани, па ги поттикнуваат и своите деца да создаваат заеднички правила. Тоа не значи дека децата можат да прават сè што ќе посакаат, туку дека имаат право на сопствен глас во семејството, а тоа води кон помалку борба и помалку потреба за дисциплина. Разговарајте со децата и создајте сопствени правила, така ќе ја намалите борбата околу гледањето телевизија или јадењето колачи.

4. Фокусирани се на едноставноста

Постојат многу примери кога Холанѓаните ја покажуваат својата едноставност. На пример, кампирањето е омилен начин на одмор и уживање во семејниот живот. Роденденските забави им се многу едноставни, најважно им е децата да бидат заедно. Познати се и по штедливоста. Тие сметаат дека постои радост и без купување и набавки, па најнормално им е децата да носат и позајмена облека.

5. Децата не се нивно продолжение

Холанѓаните веруваат дека нивните деца се самостојни луѓе, а не продолжение на мама и тато. Децата немаат „договор“ да ги исполнуваат соништата на родителите.

6. Тие се пример за своите деца

Сите родители во светот знаат дека ова е вистина, но често забораваат. Мајките во Холандија многу внимаваат на своите потреби и инвестираат во себе без чувство на вина. Сфаќаат дека ако сакаат да имаат креативни, отпорни, среќни деца, мора да го практикуваат она што го зборуваат.

7. Семејните оброци им се светост

Овој северен народ ги цени семејните оброци. Тоа не се компликувани оброци при кои родителите се борат со децата околу зеленчукот. Времето за заеднички оброк е наменето за развивање на семејните врски и споделувања. Интересно е дека Холанѓаните имаат богат социјален живот, но семејните вечери им се свето време за семејството.

 



912

X