Секоја мајка ќе каже дека ниту еден период од животот не поминува тoлку брзо како растењето на нејзиното дете. Првата година обично најбрзо поминува, па додека да трепнете, веќе го гледате своето бебе како гордо ги прави првите чекори, почнува да зборува, а погледот му станува сè поразбирлив. Покрај сè што треба да мислите во текот на грижата за бебето, можно е да ставите на ум и неколку работи кои едноставно морате да ги направите додека бебето не наполни една година. Дојдовме до список од 5 работи за оваа најмлада доба од развојот на вашето дете.

Сочувајте ги спомените во фотоалбум – тој останува засекогаш

Од првиот ден на својот живот, па сè до првата година, бебињата значително ќе се променат, а тие промени ќе успеете да ги забележите на месечно ниво. Во брзањето да ги зачувате овие моменти, ќе го фотографирате вашето бебе речиси секој ден, а наш предлог е да изберете кои фотографии ќе ги направите. Следен чекор се фотоалбумите во модерно руво, кои можете да ги изберете како место за сите фотографии кои е најдобро да се подредат по хронолошки редослед. Спомените во фотоалбумот секогаш ќе останат како потсетник на првата година од вашето дете и фактот дека многу брзо пораснало.

Обезбедите ги сите несигурни делови на вашиот дом

Пред првата година бебето ќе почне да ползи и да го истражува вашиот дом преку допирање на сè што ќе му дојде до рака. Тоа значи дека ќе треба да го обезбедите својот дом за да биде безбеден терен за истражување на бебето. Советуваме да ги обложите сите ќошиња и рабови со сигурносни ленти, да поставите заштита на штекерите и да ги отстраните сите остри предмети што може да ги дофати детето. Многу е важно одредени остри, тешки и нестабилни предмети да ги отстраните од полиците за бебињата да не можат да ги дофатат. Детето може да ја разниша полицата, што потенцијално може да доведе до пад на наведениот предмет и повреда на детето.

Приспособете ги креветчето и околината

Во фазата на ползење бебето ќе има потреба и да стане, а за тоа ќе му треба помош од оградата. Држејќи се за оградата, бебето ќе се исправи, па затоа е многу важно душекот во креветот да биде спуштен што подлабоко за бебето да не падне од креветчето. Би требало да поставите и перници и мека површина надвор од креветот, доколку бебето сепак успее да излезе, што е особено важно во текот на ноќта ако бебето се разбуди, а вие сè уште спиете.

Приспособете ги играчките на возраста на бебето

Во текот на првата година од животот бебето го запознава светот преку сетилата, од кои во еден момент преовладуваат допирот и вкусот. Затоа бебето секоја играчка ќе ја става во уста и ќе сака да ја допре. На самиот почеток, тропалките ќе бидат одлично решение. Кога ќе почнат да им растат запчиња, глодалките се одлична занимација која ќе им ги намали притисокот и непријатноста во текот на овој период. Пред бебето да наполни година, веќе би требало бебешките играчки да ги менувате со детски, интерактивни преку кои детето ќе почне да ги развива моториката и другите вештини.

Пуштете го бебето да јаде само

Верувале или не, независноста на бебето почнува многу порано отколку што можете да замислите. Иако е прекрасно да се гледаат така мали безгрижни во нашата прегратка, мора да се поттикне и нивниот природен развој, а кога ќе почнат да ги фаќаат предметите на масата, да ги оставиме да се обидат да јадат сами. Дајте му на бебето лесно лажиче и оставете го да се обиде. Доколку е невешто, остатокот од хранењето ќе биде со ваша помош.

Разговарајте со бебето и запознајте го со околината

Уживајте во моментите со своето бебе и што почесто обраќајте му се директно. Околу првата година бебињата го кажуваат првиот збор, а чувството за јазикот го стекнуваат и порано. Разговарајте со бебето и следете кога тоа ќе стане свесно дека му се обраќате. Објаснувајте ги различните поими во околината, запознајте го со светот околу него и гледајте како детето ја следи вашата гестикулација. Кажете му како се нарекува предметот кој го држите в рака, кога сте во природа свртете му го вниманието на дрвјата, на тревата, клупите, облаците итн. Изговарајте ги зборовите чисто и правилно бидејќи бебето учи од вас. Посветете му се на вашето бебе, следете го неговиот развој во текот на првата година. Времето лета и не можете да го сопрете, но затоа можете да го искористите на најдобар можен начин.

Автор: Драган Антиќ

Извор



912

X