Ако сте мислеле дека станува збор за мрежести гаќички, памучни влошки или други потребни работи за бебето, сте се излажале. Сето тоа ќе ви биде потребно, но трите основни ставки за леунството што ги издвојуваме во овој текст се поважни од сѐ друго. Зошто? Затоа што вие сте поважни од сè.

Многу жени влегуваат во леунството мислејќи на бебето, а притоа забораваат на себе, но знаете што, вашето бебе не може да биде добро ако вам не ви е добро. И обратно, кога мајката е задоволна и среќна, ќе може да му го даде најдоброто од себе на своето бебе.
Затоа на момент заборавете на пелените, ќебенцата и количката и размислете како ќе се погрижите вашите основни потреби да бидат задоволени во текот на леунството.

1. Одмор

Земете десертна чинија и притиснете ја на вашиот стомак. Тоа е просечната величина на постелката, што значи дека тоа ќе биде и просечната величина на раната што ќе остане во матката кога ќе се излупи постелката. Затоа матката и по породувањето мора да работи за да го запре крвавењето, а тоа е причината што ќе чувствувате контракции како менструални болки со часови и денови по породувањето.

Секогаш кога ќе помислите или некој ќе ви каже дека сега треба да можете да станете и да продолжите со секојдневните активности, сетете се на десертната чинија. Сетете се дека вашето тело со месеци постепено се менувало за во текот на раѓањето да претрпи масивни промени во само неколку часа. Замислете го волуменот што сте го изгубиле: детето, постелката, плодовата вода, крв и други телесни течности. Најдобро што може да направите е да останете во кревет кога така ќе се почувствувате. Потоа продолжете да го наслушнувате своето тело.
Ако им се вратите на секојдневните активности пред да бидете подготвени за тоа, ќе го зголемите ризикот од компликации подоцна.

2. Храна

Мајките обично се преоптоварени со исхраната (поточно со забранетите продукти) кога дојат, а помалку размислуваат зе себе. Не постои посебна диета за доилките. Постои урамнотежена исхрана која ќе ви помогне побрзо да ги закрепнете телото и душата. Бебето секогаш го добива најдоброто од вас, но бременоста и доењето ќе го осиромашат вашиот организам ако не јадете квалитетно.
Каква би требало да биде таа храна? Традиционалните постродилни практики низ светот во врска со храната се исти: нека биде топла, богата, лесно сварлива и зготвена со љубов. Тоа се топли оброци: супи, варива и други јадења „на лажица“, по рецепти на мама и баба, со кои ве закрепнуваа кога бевте мали. Ова значи дека другите треба да готват за вас.

Според ајруведата, жената при раѓањето губи многу од елементите земја и оган, па има вишок од елементите етер и воздух. Затоа се чувствува студено и изгубено, а храната и топлината ќе ѝ помогнат да си дојде на себе. Секогаш се подготвуваат варени оброци (свежата храна е „студена“ и потешка за варење) кои се топли и според температурата и според својата „природа“. Се користат зачини кои загреваат, како ѓумбир, цимет или куркума.

Многу жени по породувањето, а особено во текот на доењето, имаат многу голема потреба за јаглехидрати, а особено за шеќер. Затоа се готват слатки јадења со сложени шеќери и добри маснотии кои обезбедуваат чувство на ситост. Таквите оброци се вистинска храна за „утеха“, која ја храни новата мајка и телесно и емоционално.
Како што новороденчето има потреба за храна и нега, така и мајката. Како што се родило бебето, така и жената се раѓа во својата нова улога на мајка и тоа е настан кој често се занемарува. За да може мајката да се грижи за бебето и да го нахрани, некој мора тоа да го прави и за неа.

3. (Емоционална) поддршка

За вие да можете да се одмарате и добро да се храните, потребна ви е заедница. Блиските, семејството, пријателите или професионалци кои ќе ви помогнат да имате што поубаво леунство.
Во идеално сценарио, единствената задача на мајката е доењето и вљубувањето во бебето, додека другите се грижат за храната и домашните работи. Тој идеал не е лесен за остварување, но и тоа како вреди да се направи обид да му се приближите.
Тука постои двоен проблем – едниот е дека ни недостига поддршка од „нашите“, а другиот е што и самите не сметаме дека ни е потребна.
Идејата дека по породувањето барем 40 дена мора да се одмараме, да се грижиме за себе и да им дозволиме на другите да се грижат за нас е во конфликт со општествениот идеал за самодоволност. Кога ќе се свртиме околу себе, преовладуваат митовите за супержени кои непосредно по породувањето „ги враќаат во нормала“ своето тело, работата и животот. Тоа не е ниту реално ниту здраво.

На мајките им требаат други мајки

Рака на срце, мајчинството може да биде многу осамено. Понекогаш дури и кога сте опкружени со луѓе, може да чувствувате дека никој не сфаќа низ што поминувате во тој период. Закрепнувањето по породувањето, загриженоста за бебето, неспиењето… предизвиците на мајчинството се многубројни.

Вашите блиски луѓе ќе ве следат во новата авантура колку што ќе можат, но веројатно и тие си имаат свои животи, 8-часовно работно време и ограничен капацитет за бесконечно зборување за хранење, менување пелени и други теми во леунството. За тоа ви требаат други мајки!
Жени што минуваат низ истото, кои можат да ве сослушаат и да ви кажат: „Знам…“, а вие да чувствувате дека ве разбираат. Ако најдете такви жени, тие можат да ви го спасат леунството, тоа ви го кажувам од сопствено искуство.

Работата е едноставна и ќе ја повториме пак: ако вие не сте добро, ни вашето бебе не може да биде добро.

Автор: Јасмина Брковиќ



912

X