Детските родендени сè почесто се претвораат во големи настани со изнајмени игротеки, аниматори, богати шведски маси и скапи подароци, во шведската филозофијата е сосема поинаква. Таму фокусот е ставен на дружењето, еднаквоста меѓу децата и пристапот никој да не почувствува финансиски притисок.
Еве ги основните правила и обичаи според кои се слават детските родендени во една од најсреќните земји во светот:
Подарокот не треба да чини повеќе од 5 до 10 евра
Едно од непишаните правила е подарокот за роденден да биде чисто симболичен, обично во вредност од 50 до 100 шведски круни (околу 300 до 600 денари). Во некои градинки и училишта ова дури се нагласува и на самата покана за никој да не се чувствува непријатно.
Идејата е сите деца да можат рамноправно да учествуваат. Најчесто се подаруваат книги, друштвени игри, боенки, сложувалки, прибор за цртање или ситни играчки.
Прослави без гламур и луксуз
Шведските родители ретко организираат родендени во игротеки. Забавите најчесто се одржуваат дома или во блискиот парк. На масата обично има торта, овошје, грицки и сокови. На родителите не им е цел да ги импресионираат другите возрасни, туку децата убаво да си поминат.
Децата сами ја организираат играта
Наместо организирана програма предводена од аниматори, најголемиот дел од времето децата го минуваат во слободна игра. Вообичаени активности се:
- Потрага по скриено богатство
- Музика, танц и игри со балони
- Полигони со пречки
- Креативни работилници и друштвени игри
- Игра на отворено кога тоа го дозволува времето.
Целта е децата сами да ги смислуваат игрите и да се учат на соработка без постојано мешање на возрасните.
Се покануваат сите деца од групата
Доколку поканите за роденден се делат во градинка или училиште, постои правило да се поканат сите деца од групата или од класот (или барем сите од истиот пол), за никој да не се чувствува изоставен. Доколку родителите сакаат помала прослава, поканите ги испраќаат приватно надвор од установата.
Подароците се отвораат откако ќе си заминат гостите
Интересен обичај е што во многу семејства подароците не се отвораат пред гостите. Причината е едноставна, да не се споредуваат подароците и ниту едно дете да не се почувствува непријатно доколку донело поскромен дар. На тој начин вниманието останува на дружбата, а не на материјалните работи.
Без ривалство меѓу родителите
Во шведската култура исклучително се цени скромноста, што е поврзано и со нивниот познат концепт „lagom“ (ниту премногу, ниту премалку, токму колку што треба). Никој не споредува колку потрошил или колку чинела тортата.
Кога ќе се отстрани притисокот околу скапите подароци и луксузните прослави, во прв план доаѓа она поради кое роденденот и постои: заедничката игра, пријателството и убавите спомени.