ПРАШАЊЕ: Моето дете има 15 години и многу често е нервозно, што почнува да ме загрижува. Постојано е на телефон, почна да попушта со успехот во училиштето, не сака да учи, не е заинтересирана за ништо дома, а кога зборувам, сѐ е добро и на крај пак си тера по свое. Почна да лаже, реагира агресивно со викање,трескање и фрлање сѐ околу себе и на крај јас сум виновна што така се однесува бидејќи не сум ја разбудила за училиште, не сум ја однела, а претходно сме се договориле дека треба сама да стане и да оди сама на училиште бидејќи јас нема да можам да ја носам. Ако кажам дека не може да излегува, станува многу агресивна и почнува да вика, да се дере и на вели дека јас сум виновна и дека нема да ме послуша и ќе излезе. И излегува без да ѝ дозволам и постојано истото ми го вели: „Не ме барај“, „Нема да ме најдеш, ќе го исклучам телефонот“. Ја фатив како ме лаже и тогаш почна да ме навредува и да вика по мене. Ве молам помогнете ми, како да постапам со неа, многу сум загрижена за ваквиот однос.
ОДГОВОР: Драга мајка, кај тинејџерите на оваа возраст автономијата и потребата од независност растат, но без структура и целосно губење на границите растењето станува хаос кој вие го објаснувате како нервоза. Телефонот како огромна награда со допамин го прави учењето досадно и училишниот успех се намалува, а притоа и интересите се насочени кон други цели.
Од вашиот исказ можам да забележам дека агресијата е научен начин за добивање контрола, што веројатно произлегува од претходно поставување граници кое било недоследно и неконзистентно. Со тоа вие сте влегле во процес на објаснување, но и попуштање, што кај девојчето се манифестира со чувство на преземање контрола над нештата.
Потребно е да вратите стари и јасни цврсти правила. Избегнувајте постојано објаснување или постојано повторување на исти нешта, избегнувајте закани кои не се спроведуваат, избегнувајте попуштање само заради мир во куќа. Останете заинтересирани за нејзините тинејџерски теми. Ова е специфичен период за вас, но можете да го вратите односот назад во онаа форма во која оваа возраст го дозволува тоа.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com