Многу е погрешно подарувањето оценки, со тоа се демотивираат учениците да учат, а некои од нив и јавно, иако се мали, пред своите врсници знаат да употребат реченици од типот: „Сите ќе ми бидат петки, ќе видиш кога тато ќе се јави кај наставничката!“ – вели наставничката Лила Арсова од Велес

Крајот на учебната година е стресен период за децата, за нивните родители, но и за наставниците. Желбата за петки во свидетелствата особено се изразува во месецот мај, кога се утврдуваат годишните оценки. Наставниците апелираат родителите да не вршат притисоци на сите можни начини и да ги учат децата дека треба да се борат за знаење, а не за оценки.

– Училиштата се општествени институции во кои се образоваат и воспитуваат учениците. Секој родител сака неговото дете да покажува солидни резултати, но секој е посебна индивидуа и секое дете се развива различно. Малку родители, за жал, внимаваат детето да има знаења, а не петки. Факт е дека и многу родители се вработени, па децата често се враќаат од училиште дома во празна куќа. Дел од родителите и немаат време да им се посветат на своите деца ниту во процесот на воспитување. Кога покажуваат слаб успех во нижите одделенија (иако оценувањето е описно), сепак, кај родителите се јавува незадоволство кога ќе прочитаат дека нивното дете не постигнува солидни резултати и тие не го кријат незадоволството – споделува одделенската наставничка Лила Арсова од ОУ „Васил Главинов“ од Велес.

Таа додава дека сѐ повеќе родители причините за постигнатиот слаб успех на своите деца ги наоѓаат кај наставниците, во смисла на тежок тест, недоволно објаснето, високи барања од децата и сл. Притисокот од родителите врз наставниците особено се нагласува и чувствува пред тримесечје или полугодие. Родителите најчесто велат: „Учиме, работиме дома, кога јас го испрашувам – сѐ знае“.

– Некогаш директно, некогаш индиректно, но разговорот се води во насока – сакам петка за моето дете. Честа е појавата да се споредуваат со други деца во одделението, што е многу погрешно. Кога преминуваме од описно во бројчено оценување, 90 отсто од родителите очекуваат и бараат високи оценки за своето дете. Пониските оценки не треба да се доживуваат како трагедија. Притисок врз наставникот за повисока оценка кај учениците се случува и од страна на директор, колега, пријател, роднина или родител и се обидуваат на секој начин детето да добие, односно да му се стави повисока оценка – вели Арсова.

Лила Арсова, наставничка во ОУ „Васил Главинов“ во Велес

Таа е категорична дека петките треба да бидат заслужени, а не подарени. Често се случувало едно дете да плаче затоа што добило пониска оценка, иако било свесно за своите знаења.
– Детето има чувство на стрес и тензија и бара повисока оценка поради страв од реакцијата на неговите родители. Многу е погрешно подарувањето оценки, со тоа се демотивираат учениците да учат, а некои од нив и јавно, иако се мали, пред своите врсници знаат да употребат реченици од типот: „Сите ќе ми бидат петки, ќе видиш кога тато ќе се јави кај наставничката!“ Некој, пак, со слаби знаења ако на крај од годината „ќе ги има сите петки“, влијае демотивирачки врз тие со заслужени петки. Многу е важно и родителите и наставниците да се фокусираат на социјалното, менталното и емоционалното здравје и развојот на децата, а не да се бараат високи оценки и од наставникот и од детето. Просветните работници се тие што треба правилно да ги следат напредокот и оценувањето на учениците и воспитниот елемент не смее да изостане во формирање на личноста – посочува Арсова.

Таа апелира:
– Драги родители, не притискајте ги наставниците за повисоки оценки. Дозволете децата да растат слободно без притисоци и заеднички да ги израснеме во личности со кои секој од нас ќе се гордее!

Марина Танасоска, наставничка по информатика во ОУ „Григор Прличев“

Посредни и непосредни начини и средства користат родителите за да влијаат врз оценувањето на учениците, вели Марина Танасоска, наставничка по информатика во ОУ „Григор Прличев“ од Охрид.

– Влијанијата се од најразлична природа: почнувајќи од посредни притисоци кои доаѓаат од влијателни родители, кои често се и донатори во училиштата, па така за возврат очекуваат повластен третман и високи оценки за своето дете, потоа влијание преку роднински или пријателски врски со наставниците, а неретко и директни влијанија од родителите кои го оправдуваат слабиот успех на детето поради „наводна“ лоша здравствена состојба за која не поседуваат валидна документација или мислење од стручно лице – вели Танасоска.

Наставничката од Охрид смета дека многу често родителите прават субјективна процена за квалитетот на наставата, наставниот кадар и образовната практика во училиштето, што не се базира на релевантни факти или показатели.

– Тоа најчесто се случува при недостиг на квалитетни образовни реформи, најчесто споделувајќи искуства и информации од интернет, иако родителите немаат соодветна квалификација. Така, неретко наставниците се соочуваат со родители кои прават сопствена процена за квалитетот на усвоениот материјал од страна на нивното дете и тоа по повеќе наставни предмети, како и мислење за оценката што треба да ја има детето врз основа на таа нивна субјективна процена – завршува наставничката.

Наставничка по англиски јазик од Делчево споделува дека постојат кавги дури и помеѓу наставниците, односно кога класни раководители вршат притисоци за да се напишат повисоки оценки.

– На крајот од минатата учебна година на повеќе колешки им беа испратени ургенции за оценките на една ученичка од шесто одделение. Поточно, родителите од секој можен извор се обидуваа да извршат притисок за на шестоодделенката да ѝ се напишат петки по неколку предмети иако таа и без тие петки имаше одличен успех. Освен тоа, често се прават притисоци и меѓу самите колеги, па има ситуации да се расправаме со колеги-наставници што се класни раководители затоа што нè притискаат да им пишуваме повисока оценка на ученици кои реално не се за таа оценка. Притисоци има и од директорите, па честопати упатуваат закани со бркање од работа доколку на одреден ученик не му се спушти бараната оценка – вели таа.



912

X