Образование

Како да знаете дали детето е подготвено за прво одделение? Еве брза проверка што можете да ја направите веднаш

Тргнувањето во прво одделение е огромна пресвртница. Возбудата често се меша со прашањата: Дали моето дете е подготвено?, Дали доволно вежбавме?

Пред сè, вдишете длабоко. Подготвеноста за училиште не е само познавање на буквите и броевите. Тоа е склоп од вештини, а вие го имате целото лето пред вас за преку игра да го зајакнете своето идно прваче. Овој список сфатете го како патоказ, а не како строг тест.

10 важни јазични способности

Јазичните вештини се темел за читањето, пишувањето и комуникацијата.

  1. Препознава и знае да именува околу половина од буквите од азбуката;
  2. Знае да го напише своето име (барем со печатни букви);
  3. Знае со која буква започнува одреден збор;
  4. Може да го разложи краткиот збор на букви (на пр., м-а-м-а);
  5. Може да состави краток збор од букви;
  6. Знае да раскаже некој настан по редослед (на пр., што правело во градинка);
  7. Знае барем една бројалка или песничка напамет;
  8. Забележува римување според звукот (на пр., дете-мете);
  9. Јасно ги изговара сите гласови;
  10. Може да запамети и да повтори низа од 5-6 збора.

12 важни математички способности

Овие вештини вклучуваат просторна ориентација и логичко размислување.

  1. Ги разликува страните лево-десно на сопственото тело;
  2. Јасно е определено дали пишува со левата или со десната рака;
  3. Ги разликува просторните предлози (во, на, надвор, зад, пред, горе, долу, покрај…);
  4. Знае колку прсти има на раката;
  5. Знае да брои до 10;
  6. Знае да брои наназад од 10 до 1;
  7. Знае кој број оди пред, а кој по одреден број (на пр., пред 5 е 4, по 5 е 6);
  8. Го разбира правилото „плус еден“ и знае да го пресмета;
  9. Го разбира правилото „минус еден“ и знае да го пресмета;
  10. Ги разбира и ги разликува поимите поголемо, помало, еднакво;
  11. Може да изброи неколку предмети и да го изрази тоа со број;
  12. Ги разликува и ги именува основните геометриски форми (круг, квадрат, триаголник).

Што ако моето дете не знае сè од списокот?

Наш совет: без паника!

  • Ова е водич, а не закон. Списокот претставува идеален сет на вештини. Ретко кое дете совршено ќе ги владее сите ставки. Тој служи само за да забележите каде му е потребна мала помош.
  • Учењето преку игра е единствениот правилен начин. Заборавете на строгата атмосфера.
    • За математика: Бројте ги скалите додека се качувате, автомобилите на паркингот, црвените предмети во собата. Играјте продавница.
    • За јазик: Играјте „На буква, на буква“, барајте зборови што се римуваат, читајте приказни секоја вечер и разговарајте за нив.
  • Не заборавајте на „невидливите“ вештини. Социјалната и емоционалната зрелост се еднакво важни. Дали детето знае да чека ред? Дали знае да споделува? Дали бара помош кога му е потребна?
  • Секое дете има свое темпо. Почитувајте ги индивидуалноста и силните страни на вашето дете, а оние послабите поттикнувајте ги нежно, без притисок.

Извор

Поврзани написи

Деветгодишниот Алек ја претвора љубопитноста во знаење – преку свој јутјуб- канал ги учи децата за вселената и науката

Прочитај повеќе

Од училишна клупа до идна професија: Како да му помогнете на вашето дете да го направи вистинскиот избор?

Прочитај повеќе

Магдалена Ангелевска, специјалист клинички логопед: „Подобро е да се направи навремена процена и да се утврди дека развојот е во рамките на нормалата отколку да се изгуби драгоцено време“

Прочитај повеќе

Виолета Велеска-Чадевска, специјален едукатор и рехабилитатор: „Децата најдобро учат кога се чувствуваат безбедни и сакани, а вашата конзистентна поддршка ја гради нивната самодоверба“

Прочитај повеќе
To top