„Не знам каде се оценките на учениците што ги внесов во електронскиот дневник пред неколку дена. Ми се појавува прозорче дека оценката е внесена во системот, но од оценките нема трага“. Ова е искуство на наставничка која периодов, заедно со околу 17.000 нејзини колеги во државата, внесуваа податоци во системот. Тоа е нивна законска обврска која мора да ја исполнат на крајот од учебната година, односно освен во пишаниот дневник, сите изостаноци и оценки мора да ги имаат внесено и во електронскиот дневник.

Во Здружението на одделенски наставници прашавме дали, како и минатите години, имаат технички проблеми при внесување на податоците. Искуствата се различни.

– Да, секоја година фигурирам во минатата учебна година, а не во тековната. Не можам да се најавам и да почнам со пополнување. Задолжително пишувам неколку е-пораки за да ми одобрат влез во тековната учебна година, и во одделението во кое сум – вели наставничка.

Нејзина колешка раскажува дека навечер внесувала податоци затоа што тогаш системот не бил оптоварен и само тогаш можела да си ја заврши работата.

– Побрзо одеше навечер кога внесував. Податоци внесувавме за цела година и изостаноци, како и други податоци – вели таа.

Фото: Архива

Родителите со месеци не добиваат пораки со известувања за поведението и оценките на нивните деца, иако во минатото добиваа дури и неколку пораки по ред, и кога имаше и кога немаше потреба.

Електронскиот дневник не функционираше со месеци бидејќи се одолжи постапката за избор на фирма што треба да го ажурира системот. Сега Министерството за образование и наука (МОН) има договор со фирма, но главоболките на наставниците, поради технички проблеми, и натаму продолжуваат. Откако беше избрана фирма, тие требаше ретроактивно во електронска форма да внесат оценки, изостаноци и полугодишни оценки на сите ученици, за целата измината учебна година.

Од МОН не добивме одговор за проблемите со електронскиот дневник.



912

X