Психологот Лори Деј од сопствено искуство ни раскажува за важноста на разговорот со децата за тоа како живеат луѓето низ светот, како и за потребата сите да имаме повеќе емпатија и сочувство.

– Се сеќавам на првиот важен разговор што го имав со својата ќерка додека беше во основно училиште, за споредувањето на нејзиниот живот со животите на другите деца на планетата. Нацртав триаголник и ѝ реков: „Самиот врв на триаголникот ги претставува најбогатите и најсреќните луѓе на планетата. Ги има многу малку. На самото дно на пирамидата се наоѓаат најсиромашните, кои најмногу се борат и ги има многу. Што мислиш, каде се наоѓаш ти?“ Таа го впери прстот во средината на триаголникот. Боже, каде сум погрешила?
Дел од мене е изненаден, а другиот дел – сепак не е. Покрај сето тоа, во нејзиниот моментален свет, нашиот град, соседство, улица, таа навистина беше на средината од социјалната скала. Научив нешто тој ден. Не сум мислела многу на тоа порано, но по цртежот навистина почнав да мислам. Сфатив дека сакам да воспитувам дете кое навистина разбира колку е среќно и дека не треба да го зема она што го има здраво за готово.

Уште поважно, сакав да почувствува дека киријата што ја плаќа претставува некој вид активизам, филантропија, или едноставно, вежбање на граѓански активизам. Многу разговаравме за тоа со години, и мислам дека тоа ја направи разликата. Не сакав да порасне како дете заштитено под стаклено ѕвоно. Да бидеме искрени – таква ситуација постои во повеќето домови во нашето општество.
Бев многу среќна што бев во можност на ќерка ми да ѝ обезбедам најдобро можно образование, да расте во безбеден крај со многу природа околу себе и да ја подготвам за среќна и успешна иднина. Тоа за ништо не би го менувала. Дали имам вина за преживувањето? Се разбира. Покрај сѐ, не можам да не видам дека и во оваа држава и во целиот свет милиони деца живеат во сиромаштија, не одат на училиште, не го живеат ни своето детство како што треба, особено девојчињата.

Повеќето добротворни средства што ги даваат богатите се донации за институциите кои им служат на нивните деца, како театри, музеи, опери, библиотеки, универзитети и други привилегии што не се најпотребни. Огорчена сум поради тој факт, ми доаѓа да ги покријам ушите секогаш кога ги слушам политичарите како ни предлагаат дека не ни е потребна влада за да обезбедиме безбедно општество бидејќи црквите и другите филантропски организации во сиромашните заедници можат сето тоа да го направат сами. Се прашувам само, со што?

Како што стареам, имам сѐ помалку трпение. Луѓето што немаат никаква моќ и работат две или три работи не зборуваат за тоа колку се тешки околностите, но тие што имаат време и пари за сѐ – пишуваат за тоа. Постојат такви што пишуваат за важни проблеми и нѐ едуцираат сите, но има и такви на кои единствениот проблем во животот им е што детето им е премногу талентирано. Се прашувам чии гласови ние не ги слушаме, а би требало?

Секогаш кога читам за тешкотиите на родителите бидејќи децата не им спијат или се тепаат, секогаш помислувам: „Да, родителството е тешко, се сеќавам на тие денови“ и „Мислите дека родителството е тешко? Ќе ви покажам што е тешко родителство. Погледнете ја фотографијата од африканска жена која носи огромна каца вода на главата, и тоа со бебе на својот грб. Е, тоа е тешко!“

Знам, знам. Нечиите најголеми тешкотии некаде на друго место не ги негираат нашите сопствени. Сето тоа е релативно. Многу родители навистина многу се трудат да ги научат децата да бидат хумани и да им помагаат на оние на кои им треба помош, или да се борат за социјална правда. Ги носат децата во јавни кујни и ги охрабруваат да прават штандови и да продаваат лимонада за да соберат пари за жртвите на временските неприлики. Одвреме-навреме некој на социјалните мрежи ќе сподели таква приказна за дете кое сака да го промени светот, а веројатно и ќе го направи тоа подоцна.

Многу сум пишувала за родителството. Се надевам дека на некои сум им помогнала, иако знам дека оние на кои тоа им е најпотребно не можат да го прочитаат. Значи, на сите оние родители до кои можам да стигнам, им порачувам да разговараат со своите деца за класите и привилегиите. Ќе пишувам за тоа и во иднина, бидејќи го гледам начинот на кој се движи во светот, и навистина би требало да воспитуваме генерации деца со многу повеќе емпатија и сочувство.“



912

X