Воспитување

Зошто треба да престанеме да ги нарекуваме децата „добри“ или „лоши“?

Многу родители и едукатори несвесно користат изрази како „добро дете“ или „лошо дете“ во секојдневната комуникација. Иако изгледаат безопасни, овие етикети можат да имаат долгорочно влијание врз развојот на детето, самодовербата и начинот на кој детето се гледа себеси.

Експертите предупредуваат дека ова поедноставено етикетирање на однесувањето може да ја обликува сликата на детето за себе, да развие чувство на срам или дури да влијае врз неговата идна личност.

Како влијаат етикетите врз детето?

Етикетите често се базираат на специфично однесување во одреден момент, но детето може да ги интернализира и да почне да верува дека секогаш е такво. Ако често го нарекуваме „лошo“, тоa може да почне да се однесува во согласност со тоа очекување. Од друга страна, ако е секогаш „добро“, може да се плаши да покаже фрустрација, лутина или други природни емоции.

Етикетирањето, исто така, поттикнува ограничувачки начин на размислување, во кој детето верува дека неговите особини се непроменливи. Ова може да го спречи развојот на отпорност и способноста за учење од грешките.

Како да се прекине циклусот на етикетирање?

Наместо да го етикетираме детето, да се фокусираме на специфично однесување. На пример, наместо „Биди добар!“, можеме да кажеме: „Те молам зборувај потивко бидејќи другите се обидуваат да заспијат.“ Ова не ја оценува личноста, туку му помага на детето да го разбере своето однесување и неговите последици.

Еве неколку совети од експерти:

-Користете позитивна дисциплина: фокусирајте се на учење, а не на казнување. Зад секое однесување стои причина што вреди да се истражи.
-Поттикнување раст преку напор: нагласете дека однесувањата и вештините можат да се развијат преку напор, а не дека тие се „само такви какви што се“.
-Дајте конкретна повратна информација: наместо „Одличен си!“, кажете: „Навистина напорно работеше за да ги наредиш коцките, види како сега ти оди подобро!“
-Не споредувајте го со други деца: секое дете е уникатно. Споредбите со браќа и сестри или пријатели можат дополнително да ги зајакнат чувствата на инфериорност.
-Бидете пример: децата најдобро учат преку набљудување на возрасните. Признајте ги вашите грешки и покажете како се справувате со нив.

Јазик што гради самодоверба

Начинот на кој разговараме со децата има огромно влијание. Добронамерните реченици како „Ако го изедеш целиот оброк, ќе добиеш десерт“ можат да создадат нездрави навики. Наместо надворешна мотивација, да ја поттикнеме внатрешната мотивација: да разговараме за тоа како се чувствуваат, што им е тешко и како можат да пробаат нешто поинаку.

Границите се важен дел од љубовта

Современото родителство често го избегнува зборот „не“ од страв да не ја повреди самодовербата на детето. Но, експертите истакнуваат дека границите се важни за чувството на безбедност и развојот на соработката. Кога им ги поставуваме со топлина и доследност, им помагаме на децата да се чувствуваат сакани и разбрани, дури и кога им забрануваме да прават нешто.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top