Игротека

Зошто секое облекување на децата е вистинска борба?

Секое утро длабоко воздивнувам пред да влезам во собата на моите девојчиња, знаејќи дека ќе ги поминам следните 5 до 35 минути преговарајќи за тоа што ќе носат. Преговорите можат да потраат 5 минути ако моите деца едноставно го облечат она што претходната вечер сме го договориле. Или 35 минути ако мојата 3-годишна ќерка инсистира да го носи фустанчето што го носела вчера; таа не го знае концептот „вчера“ и тоа може да значи кој било момент од нејзиното сеќавање. Дали мисли на минатата недела или минатата година? Дали таа сè уште го носи фустанот? Дали некогаш постоел? Времето е рамен круг.

Бидејќи ова е универзално однесување кај малите деца, сакав да знам зошто облекувањето на децата е толкав кошмар и кога ќе заврши? Иако не постојат многу истражувања што конкретно се фокусираат на конфликти меѓу детето и родителот за облекување, одговорите, според експертите, се: 1) бидејќи облекувањето е еден од малкуте начини децата да ја изразат својата автономија и 2) никогаш. Кошмарот никогаш нема да заврши.

Малите деца поминуваат низ фаза на развој наречена „автономија наспроти срам и сомнеж“, втората од осумте фази на психосоцијален развој, идентификувана во средината на 20 век години од психологот Ерик Ериксон. Децата во оваа фаза ги истражуваат границите на нивната лична контрола.

– Вградено е кај малите деца и децата на предучилишна возраст дека можат да бидат автономни. Проблемот е што тие не се особено способни за рационално одлучување – вели д-р Сали Бевил Хантер, професор на Универзитетот во Тенеси, Ноксвил.

Ако не им дадете на децата доволно простор за независност, тие чувствуваат срам и почнуваат да се сомневаат во своите способности.

Оваа желба на децата да изразат автономија честопати  го претвора облекувањето во борба.

– Постојат малку начини на кои децата можат да воспостават независност или да ви кажат што сакаат кога се многу мали, но тие имаат одредена контрола врз она што ги допира нивните тела. И бебињата се борат при облекување, но тоа е помалку свесна игра за автономија и поголема реакција затоа што се држени под контрола – вели Арон Е. Керол, професор по педијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Индијана.

Како да се почитува потребата за независност кај малото дете и детето на предучилишна возраст без да бидете вовлечени во дебатата за облекување?

Понудете избор. Можете да ја охрабрите независноста и облеката да им биде сезонски соодветна, нудејќи му на вашето дете два или три разумни избори, вели д-р Хантер. Ако дозволите самите да се облекуваат без да имате збор, можете да завршите со тригодишно дете облечено во костим за капење и штитници за уши кога надвор е 20 степени.

Изберете ги битките. Ова е консензус на тројца експерти. На пример, ако имате дете што носи само здолништа и фустанчиња, а надвор паѓа снег, не борете се против нејзините желби – ќе изгубите. Можете да ѝ понудите неколку опции на топли фустани и да ги искомбинирате со топло џемперче и дебели хулахопки.

Како што децата стануваат постари, битките се менуваат, но мора да попуштите, вели д-р Керол. Тоа е така затоа што облеката е белег на независноста кај децата и затоа што наскоро ќе ве надмудрат. Може да го носат она што ќе ги натерате да го облечат, но да се пресоблечат кога ќе излезат. Ако им дозволите да имаат контрола врз облеката, постои поголема веројатност да ве слушаат кога ќе им давате предлози, затоа што не се обидувате да ја намалите нивната независност.

Голотијата е нормална. Многу деца претпочитаат да бидат полуголи дома, што е нешто што спаѓа во категоријата „изберете ги битките“. Вашето дете треба да знае дека голотијата е неприфатлива надвор од домот, но дали вреди да го присилите вашето 2-годишно дете да стави панталони над пелената во дневната соба? Можете да поставите граници за голотијата, на пример, време кога ќе може да шета голо низ соба, пред капење или пред да ги облече пижамите.

Кога да се загрижите. Ако битките околу облеката се секојдневни, исцрпувачки, пролонгирани и прават вашето семејство да избегнува места или ситуации затоа што дисфункцијата е екстремна, тогаш треба да се обратите кај вашиот педијатар, вели Керен Хопкинс, клинички вонреден професор во академскиот медицински центар „Лангон“.

Извор

Поврзани написи

To top