Кој е крив кога детето ќе почне лошо да се однесува? Колкава е одговорноста на родителите, а кога виновникот треба да се бара во општеството, медиумите, системот на вредности, самата личност? На овие, но и на многу други прашања одговор дава психотерапевтот Зоран Миливоевиќ од Србија

Фото: Јутјуб

Сѐ започнува во градинката – мало дете ќе го удри своето другарче, а кога воспитувачката ќе ги замоли родителите да обратат внимание на неговото однесување, тие со цело срце го бранат со образложение: „Моето дете е добро, тоа никогаш прво не би нападнало“. Приказната продолжува во основното училиште, каде што детето веќе почнува да прави посериозни проблеми, за кои родителот ништо не знае или, што е уште поверојатно, ги затвора очите бидејќи така му е полесно. А потоа „доброто дете“ расте – станува егоцентричен, неодговорен, порочен, без почитување кон другите, насилник, па дури и криминалец, убиец. И сите главно го вперуваат прстот кон родителите, велејќи дека сѐ почнува од дома. Но, тогаш ќе слушнеме за пример на дете кое пораснало во здраво, на прв поглед совршено семејство, што не го спречило да тргне по погрешен пат и тезата за родителите како виновници паѓа во вода. Неретко, од две деца едното е за пример, а другото проблематично.

Кој е тогаш виновен? Дали со прогласување на родителите за исклучителни виновници не ја „тргаме“ одговорноста од другите учесници во комплексниот процес на воспитување на детето? Колкава е одговорноста на родителите, а кога виновниците треба да се бараат во општеството, медиумите, системот на вредности, самата личност?

Кој е виновен за лошото и девијантно однесување на детето? Дали со прогласувањето на родителите за единствени виновници ги ослободуваме од одговорност другите учесници во комплексниот процес на воспитување на детето? Колкава е одговорноста на родителите, а кога виновниците треба да се бараат во општеството, медиумите, системот на вредности, самата личност?

Психотерапевтот Зоран Миливојевиќ потсетува дека патот од добро дете до, да кажеме, криминалец, е многу долг. Според неговите зборови, точно е дека некои родители некритички го бранат детето и со тоа несвесно го поттикнуваат кон неприфатливи однесувања, насочувајќи го кон деликвенција.

– Главна задача на родителите е да го социјализираат детето пред да тргне на училиште, а тоа значи да го научат на основната работа – што е добро, а што е лошо. За да го постигнат тоа, детето мора да сфати дека другите имаат чувства, дека нешто ги боли како што и него го боли и дека имаат некои права. Моралниот развој почнува во семејството. Ако родителот одобрува сѐ што прави детето, тој го насочува во правец на егоцентрична, дисоцијална личност.

Зошто родителите се „слепи“ за проблематичното однесување на наследникот?

– Многу родители не знаат дека нивното дете се однесува различно во различни ситуации – на еден начин дома, на друг начин во група врсници кога ги гледа авторитет, а на трет – кога нема возрасни. И затоа не им веруваат на воспитувачите и подоцна на учителите кои ги предупредуваат за однесувањето на детето. Тие мислат: „Кој го напаѓа моето дете, ме напаѓа и мене како родител“, и затоа, бранејќи се од „нападите“ стануваат агресивни кон наставниците. Потоа наставниците се повлекуваат бидејќи не сакаат конфликт, така што ни родителот го воспитува детето во тие проблематични услови ниту тоа го прави училиштето. А тоа е отворена врата кон проблематично однесување, деликвенција, а подоцна и криминал. И така добиваме генерации недоволно социјализирани деца.

Каде почнува, а каде завршува одговорноста на родителите за тоа каков човек станало детето?

– Сѐ до полнолетството родителите имаат можност да влијаат врз младата личност. Тоа едноставно значи да се борат да ја вратат младата личност на вистинскиот пат користејќи ги начините што им се на располагање. Но тешко е некого да вратиш ако тој не сака да се врати. Затоа родителите се должни да се обидат, па нека биде како што ќе биде. Кога младата личност ќе им се спротивстави на родителите, често и физички, тогаш тие веќе немаат никакво влијание врз неа, освен можеби емотивно или финансиско. А кога родителот ќе сфати дека неговото сакано дете израснало во личност што не му се допаѓа, не треба да се обвинува себеси, бидејќи родителот бил само едно од влијанијата. Не постојат совршени родители, секогаш може да се најдат овие или оние грешки. Родителот нема ништо од тоа чувство на вина бидејќи и ако имало некакви грешки, времето не може да се врати назад и тие не можат да се поправат. Родителот едноставно правел така како што тогаш сметал дека е најдобро. И затоа треба да сфати дека неговото возрасно дете е одговорно за сопствениот живот и начинот на кој го живее.

Но, како да го прифати поразителниот факт дека детето е лош човек или криминалец?

– Родителот може да држи „отворена врата“ за детето да се врати во моменти на криза, кога е подготвено за отворен однос и родителско влијание. А додека не се случи тоа, се работи за возрасна личност која живее во согласност со своите избори и за нив презема одговорност. Тоа може да биде тажно за родителот, може да биде разочаран, но не треба да се чувствува виновен, бидејќи така на себе ја презема одговорноста што сега им припаѓа на неговиот возрасен син или ќерка. Треба да се каже дека постојат и такви ситуации во кои детето го обвинува родителот за сите свои проблеми во возрасниот живот и станува насилно кон него, кој како „виновен“ треба да го издржува возрасниот син или ќерка. Тажно е, но некогаш единствено решение за родителот е да го прекине секој контакт со возрасното дете што така се однесува.

Контроверзни детски права

Миливоевиќ потсетува дека задача на родителите е на детето да му дадат љубов, но и да го воспитаат, поточно да го дисциплинираат. Тоа, според неговите зборови, значи дека треба да направат три работи: да го научат детето што смее, а што не смее да прави, да го научат што мора да прави затоа што тоа е корисно, создавајќи му работни навики и мора да го казнуваат детето кога се спротивставува на тоа. Но, тука во современиот свет настанува проблемот.
– Со оглед на интензивирањето на нови и нови „детски права“, „борби против насилство“, државата која од една страна смета дека родителите се виновни за однесувањето на детето, од друга им ја одзема моќта да влијаат врз него. Ако му наредите да ја среди собата, а тоа не сака, тогаш тоа се нарекува „робовска работа“. Ако му го исклучите компјутерот или му го одземете телефонот, тогаш тоа е „спречување комуникација со надворешниот свет“…

Затоа е многу тешко јасно да се одреди одговорноста на родителот.

 



912

X