Многумина од нас ја поминаа последнава година копнеејќи по работите што некогаш ни беа дозволени. Се разбира, тука се основните, како одење на работа и на училиште со други луѓе, но тука се и дополнителните работи – волонтирање, часови по пијано на кои одело детето, натпревари во одбојка, голф, часови по јога, среќни моменти со пријателите, часови по пливање на децата за викендот. Нашите животи се променија и тоа не е во ред, но она што го заборавивме и сега можеби изгледа и како луксуз е тоа дека ние всушност имавме премногу исполнети распореди.
Се фаќам себеси размислувајќи за приклучување кон сè што повторно ќе биде достапно: секој камп за мојот син, секој спорт кој сака да го игра, секој концерт, секоја работа што повторно ќе биде безбедно да се прави. Дел од причината зошто затворањето беше толкав шок за системот е количината на работи што сме ги правеле во само еден ден – и начинот на кој се откажаа, една по една. Бевме премногу зафатени и го знаевме тоа, но не знаевме како да се откажеме од целиот тој густ распоред.
Ерин Локнер, автор на „Бркотница по бавното темпо: Храброст да се помине тешкиот пат“, вели дека сега имаме нова можност: „Како што повторно ќе се интегрираме во променето општество, можеме ли да ја задржиме смиреноста дома кога општеството ќе нè охрабрува да бидеме некаде на друго место? Ја преживеавме пандемијата на ковид-19, но сè уште мораме да ја совладаме пандемијата на брзиот начин на живот. Сега е нашата шанса да се насочиме кон нов, одржлив ритам за нас и за другите“.
Ова е нашата шанса. Ова е нашата можност да се вратиме во нормалниот живот, но без да бидеме премногу оптоварени. Ако сакате повторно да започнете со исполнување на вашиот календар, ова го предлагам.
Прво! Пандемско предупредување
Го пишувам ова во време кога сè повеќе возрасни се вакцинираат, но бројот на нови случаи сè уште е висок, а децата не ни се вакцинирани. Се враќаме можеби во нормала, но работите всушност не се нормални и нема да бидат подолго време. Сепак, сега треба да се размисли за овие работи пред да се вратиме на животот каков што порано го знаевме, кога гледајќи околу себе велевме: „Како е можно да сме толку зафатени?“ Имајќи го тоа на ум, сега е време да:
Најдете време за размислување
Нема итност во овој поглед – треба да имате намери. Започнете со размислување во врска со она што му недостигало на вашето семејство изминатата година. Во моето, на 10-годишниот син му недостигаше неговиот фудбалски тим, а што се однесува до каратето, веќе не му беше во интерес. Комбинацијата од тие две активности значеше дека тој речиси секоја вечер во неделата требаше да оди на тренинзи. Но, сега повторно ќе игра фудбал, а ќе почека пред да согледа дали има навистина време и волја да му се врати и на каратето. Па истото важи и за вас – размислете пред да се „проширите“ себеси и да волонтирате во 3 различни организации. Нурнете подлабоко во себе и сфатете што сакате, па посветете квалитетно време на една организација која ви е најблиска и ви причинува задоволство. Додека размислувате, сигурно ќе сфатите кои работи ви предизвикувале ментално, емоционално и физичко исцрпување.

Семеен состанок
На секој во семејството што има доволно години за да размислува полукритично, кажете му дека сакате да зборувате за да го испланирате семејното време и активностите што претстојат. Охрабрете ги да се потсетат на она што најмногу им недостигало во пандемијата и какво било чувството кога се ослободиле од тие претходни активности. Објаснете им дека не се работи за откажување од претходните активности, туку за поставување приоритети. Дискутирајте во семејството за тоа што секој сака да приоретизира лично, како и за ставот што целото семејство како целина мисли дека е важно.
Заштитете дел од времето
Лесно е да се исполни календарот кога просторот е празен. Па исполнете го – со она што како семејство ќе одлучите да го правите или да продолжите да го правите. За време на пандемијата нашиот син разви љубов кон планинарењето – нешто што претходно му беше здодевно, но јас го сакав со години. Сега кога секоја сабота не мора да се посветуваме на карате, можеби во календарите ќе може да обележиме неколку викенди кои ќе ги поминеме во планина. Ако го запишам тоа сега, тогаш нема некоја друга активност да го зафати тоа место. Работите секогаш може да се менуваат ако е потребно, но ако овие следни месеци ги започнете со вакви намери за планирање на слободното време, ќе можете да креирате подобар баланс кој е некаде помеѓу „целосно зафатени“ и „заглавени дома со неправење ништо“.
Автор: Меган Моравик Валберт