Воспитување

Зошто хеликоптер-родителството е една од најлошите методи за воспитување на децата?

Моментално една од најистражуваните теми во психологијата во моментов е хеликоптер-родителството. Во основа, истражувањата покажуваат дека овој стил на родителство е една од најлошите работи што може да му ги направите на вашето дете.

Авторката Џули Литкот-Хејмс вели дека во текот на нејзиниот престој на Универзитетот „Стенфорд“ забележала дека студентите што постигнале најдобри академски резултати секогаш биле оние што растеле со поголема независност, иако тоа значело повеќе модринки и удирања. Исто така, таа дознала дека студентите што имале лоши оценки на училиште и на крајот имале повеќе проблеми со менталното здравје, пораснале со хеликоптер-родители.

Сите знаеме дека родителите имаат најдобри намери за своите деца. Сите знаеме дека родителите се обидуваат да ги заштитат своите деца и да им обезбедат добар живот. Но, кога постојано лебдите над нив, кога управувате со нив и постојано ги надгледувате, им правите повеќе штета отколку добрина.

Ова се четири начини на кои хеликоптер-родителите им наштетуваат на своите деца.

Ги зголемувате шансите за развој на ментални болести и фобии.

Има причина зошто првото нешто што се случува во речиси секој дизни-филм или бајка е што родителите умираат. На децата им е потребна независност. Тие развиваат сила, самодоверба и карактер преку самостојно истражување на светот и учење како да управуваат со работите во нивната околина. Со паѓање тие учат повторно да стануваат. Буквално.

Истражување на Елен Сендсетер, професорка по рано детско образование на универзитетскиот колеџ „Квин Мод“ во Трондхајм, Норвешка, открило дека децата што поминуваат повеќе време сами истражувајќи пред да наполнат девет години имаат помала веројатност да имаат анксиозност и проблеми со одвојувањето како возрасни. Слично на тоа, децата што се повредиле паѓајќи од височина кога имале помеѓу пет и девет години имаат помала веројатност да се плашат од височина на 18 години. Тоа е малку контраинтуитивно, но малите повреди и неуспеси на децата всушност им даваат самодоверба.

Овие неуспеси ги учат кои се нивните граници и како да се справат во страшни ситуации. Ги учат како да управуваат со ризиците (наспроти ризиците да управуваат за нив) и како да бидат отпорни.

Ги зголемувате шансите за развој на астма и алергии

Дали знаете дека помеѓу 1980 и 1994 година стапките на астма во САД се зголемиле за над 75 отсто, а алергиите кај децата под пет години се зголемиле за неверојатни 160 проценти? Според Агенцијата за храна и лекови на САД, постои критичен постнатален период на имунолошкиот одговор кој е попречен од екстремно чистите средини во домаќинството.

Освен тоа, истражување од 2014 година покажа дека децата од Швајцарија и Германија кои живееле на фарми имаат значително помал ризик од развој на алергии и астма.

Хеликоптер-родителите сакаат нивните деца да се здрави, па беспрекорно ги чистат домовите и ги полнат чантите на децата со средства за дезинфекција на рацете. Но, изложеноста на нечистотија, прашина, мувла, растенија и животни во детството е важен дел од развојот на нашиот имунолошки систем. Кога создавате стерилна средина за вашите деца, им го зголемувате ризикот за болести и инфекции.

Им ги одземате шансите да развијат сопствени вештини за игра и одмор

Слабите вештини на децата се поврзани со речиси секоја лоша работа што може да се случи: депресија, анксиозност, злоупотреба на супстанции, болки во грбот, проблеми со варењето, дебелина и многу повеќе. И, тука е работата: вештините за слободно време и разиграноста се токму тоа: вештини.

Треба да ги научите додека сте деца. Треба да сфатите што сакате да правите во слободното време и која активност ве воодушевува и ве прави среќни додека ја правите. И ако вашето детство е полно со надзор и закажани активности, никогаш нема да ги развивате овие вештини.

Дури и ако вашето дете се забавува, можеби на тренинг за кошарка или фудбал, тоа не значи дека учи како да игра. Тие трчаат кога тренерот ќе каже трчај. Застануваат кога ќе слушнат свирче. Значи, иако многу закажани и надгледувани активности се форма на игра, тие не се слободна игра без надзор.

Ги учите да бидат зависни

Кога постојано им „помагате“ и ги надгледувате вашите деца, тие учат дека не треба сами да се обидуваат да ги решаваат конфликтите или проблемите, бидејќи вие секогаш сте тука да го направите тоа наместо нив. На децата им треба простор и независност за да развијат социјални, емоционални и комуникациски вештини.

Затоа што, повторно, социјалните, емоционалните и комуникациските вештини се токму тоа: вештини. Родени сме способни да ги научиме, но не сме родени знаејќи ги.

Згора на тоа, ако интервенирате секојпат кога вашето дете ќе наиде на проблем, ќе му ја одземете можноста да развие издржливост и вештини за справување. Му ја одземате способноста да слуша, разбира и да преговара со своите врсници.

Децата нема одеднаш, магично да ги научат овие вештини кога ќе тргнат во средно училиште или на факултет. Тие нема одеднаш да можат ефективно да комуницираат со напорен колега или лут шеф. Ова се вештини се учат сега.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top