Зошто опсесијата со среќата на децата може да предизвика нивна несреќа подоцна?
Лори Готлиб е психолог и мајка. Неодамна ја раскажа својата приказна за „Атлантик“. „Ако има една работа што ја научив на факултет, тоа е дека поетот Филип Ларкин бил во право“, пишува таа, посочувајќи на песната на Ларкин во која тој пишува дека родителите ги уништуваат децата, иако ненамерно. Готлиб, како и секој друг родител, сакала да го воспита детето правилно. Но, што значи „правилно“?
Според педијатарот и психијатар Доналд Виникот, добрата работа е во тоа што не треба да се биде совршен родител за да се воспита добро дете, пишува таа. Како психолог, Готлиб почнала да разговара со пациенти. Сè било добро додека не се појавила една 20-годишна пациентка која „едноставно не била среќна“.
Она што било проблем за неа е што немала причина да биде несреќна, открива Готлиб. Оваа девојка имала одлични родители и семејство, добри пријатели, одлично образование, добра работа, добро здравје и убав стан. Во нејзиното семејство никој немал проблеми со депресија или анксиозност. Но таа се плашела да направи грешка, не им верувала на сопствените инстинкти и се чувствувала помалку добра.
Со текот на времето, Готлиб почнала да разговара со сè повеќе пациенти со сличен проблем.
„На мојот кауч седеа возрасни до 20-тите или раните 30-ти кои велеа дека и тие страдаат од депресија и анксиозност, имале тешкотии во изборот или посветувањето на една добра кариера, имале проблеми во врските и генерално чувствувале празнина или недостиг на цел – сепак немаа ништо лошо да кажат за мама и тато“, пишува Готлиб.
Сите овие пациенти посочувале дека ги „обожаваат“ своите родители. Готлиб почнала да се прашува: Дали овие родители направиле премногу за нивните деца?
Таа почнала да го истражува воспитувањето на децата од страна на родителите и разговарала со многу психолози, родители, автори и наставници. Меѓу другото, таа открила дека луѓето имаат поголемо задоволство додека работат напорно за нешто. Децата на кои им се нуди преголем избор честопати заостануваат подоцна, открива таа.
Преголемиот број опции прави децата да се чувствуваат депресивни и без контрола. Родителите можеби грешат тука – тие им даваат премногу опции на децата од кои може да одбираат.
„Може да ги изложиме нашите деца на уметност, но не може да ги научиме на креативност. Може да се обидеме да ги заштитиме од лоши соученици и лоши оценки и од сите видови одбивање и нивните ограничувања, но некогаш ќе наидат на овие работи повторно. Впрочем, со обидувањето да се создаде совршено детство само им правиме на децата да им биде потешко при растењето. Можеби ние, родителите, треба да пораснеме – да оставиме некои работи да течат самите“, вели таа.