Воспитување

Зошто двојката е „опасна“ оценка?

Каде грешиме како педагози, наставници, родители – прашува педагогот Невена Тоскиќ од Србија и дава неколку важни совети како да им помогнеме на децата да го променат погрешниот поглед на животот.

Полугодието и тромесечјето се стресни периоди во животот на сите наставници. Наставници?! Чекајте! А што е со децата, родителите? За сите нив тоа е стресен период полн со очекувања, желби, разочарувања, а за вработените во училиштата и период преполн со административни вратоломии.

Логиката е – само да не е единица

Она што е особено значајно во овој период е како реагираат учениците на заклучените оценки. Поминувам низ ходниците и слушам воодушевување. Застанувам, прашувам на што се радува детето. Ми велат – на спуштената двојка. И пресреќни продолжуваат натаму.
Ваквите ситуации се сè почести во училиштата. Децата се задоволуваат со минимум, само да поминат. Логиката е – само да не е единица. Двојката е сосема доволна.

Зошто нашите деца почнаа да се радуваат на едвај преодни оценки? Каде грешиме како педагози, наставници, родители…?
И да се разбереме, тоа не се деца на кои им треба дополнителна помош и поддршка, со некаков спектар на проблеми при учењето итн. Тоа се деца кои сосема убаво и без проблеми можат да „пловат“ низ образовниот систем. Меѓутоа, често примерите и пораките што ги добиваат во семејството или поширокото опкружување ги уверуваат дека трудот и вредната работа не се исплатуваат. Неретко таквите пораки доаѓаат од самите родители кои, поаѓајќи од сопствените лоши искуства и примери од опкружувањето, сакаат да го заштитат своето дете од дополнителен напор, стрес…

Со иста намера – да го заштитат своето дете – многу родители ја прикриваат реалната материјална слика на семејството, но и на општеството, воопшто. Често слушаме: „Не сакам моето дете да се мачи, не сакам да му биде тешко“. Не сакаме децата да ја видат вистинската материјална ситуација во семејството, па купуваме прескапи патики, телефони, безброј играчки. Така создаваме лажна слика за себе и ги залажуваме децата дека реалноста е поинаква.

Долгорочно, иако со добра намера, ваквиот заштитнички став на родителите има последици врз детето. Дали животот е реален ако мислиме дека нашите деца никогаш нема да се помачат, да наидат на препреки или тешкотии? На што ги учиме ако им дозволуваме, а некои дури и ги мотивираме, да имаат само преодни оценки?

Каков пример им даваме кога гледаат дека од високото образование не се живее толку добро, дека одиме по линија на помал отпор, дека сè може да се купи? Дали им ги надоместуваме квалитетно поминатите моменти во играње, забава и учење со децата, купувајќи им работи кои суштински не им се неопходни? А суштината е ова – никогаш нема да се сеќаваат на сите материјални работи што ги добиваат, но засекогаш ќе им останат во сеќавање некои убави моменти што ги доживеале со вас.

Наставници, бидете мотивирачки фактор за вашите ученици

Дали како општество сме дошле до стадиум дека малку е доволно, и како да се изместиме од тој, сега веќе вредносен шаблон?
За почеток, да ја промениме заблудата дека успехот доаѓа без труд и работа. Всушност, треба да се договориме што е успех. Дали популарноста без покритие (што децата често го наведуваат во разговор, оној што е успешен се изедначува со популарен) е она што треба да биде вредност во една заедница?
Да ги научиме на работни навики, на одговорност, да не ги збунуваме со измешани пораки – кога треба нешто да направат – мали се, а кога нешто треба да добијат – ги третираме како возрасни.

Немојте да им бидете другари на вашите деца – тие си имаат другари. Бидете им родители полни со љубов, поддршка, но одредете граници и воспитувајте ги.

Наставници, бидете мотивирачки фактор на вашите ученици. Наградете ги за трудот и работата. Пофалете ги и промовирајте ги најуспешните во своите училишта.
Да почнеме веднаш и никогаш повеќе низ ходниците да не се слуша славење и воодушевување од „слабите“ двојки!

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top