Дали хормоните се одговорни што во текот на бременоста копнеете по еден вид храна или, пак, телото сака да ви соопшти нешто?
Желбата за специфична храна во текот на бременоста е релативно честа појава. Точната причина за тоа не се знае, а нема докази дека се работи за нутритивен дефицит. Некои експерти сметаат дека за тоа можеби се „виновни“ хормоните или пак станува збор за емотивни причини.

Вистината е дека вашето тело копнее по супстанции што му недостигаат. Понекогаш копнежот е предупредување дека некои работи треба да ги вклучите во вашата исхрана. Ако копнеете по сладолед, можеби на вашето тело му недостига калциум, а ако имате силна желба за месо, проверете ја крвната слика. Желбата за млеко крие недостиг на калциум, а доколку „страдате“ по овошје – тоа е сигнал дека ви треба витамин Ц.

Теорија за телесна мудрост

Се случува копнеењето по храна да биде присилна желба за консумирање продукти што претходно не сте ги јаделе. Најчесто тоа се колачи, млечни производи, солени крекери, цитрусно овошје, жешка зачинета храна… Во бременоста се случува жените што претходно сакале месо одеднаш да станат вегетаријанки или да почнат опсесивно да јадат чоколади или кисели продукти. Некои од овие појави се хормонски условени, исто како и во поединечните фази од менструалниот циклус. Слично се случува и во текот на бременоста. Одредени теории го препознаваат ова како телесна мудрост.

И слатко и солено…

Во бременоста најчеста е потребата за чоколадо и за солени продукти. Едно од објаснувањата е дека во текот на бременоста се менуваат склоностите кон храната и тие го условуваат изборот на јадење. Се смета дека ова е главна причина за зголемен внес на храна во овој период. Зголемената склоност кон одредени солени продукти (чипс, туршија) се објаснува со зголемениот волумен на крвта во бременоста, што предизвикува и зголемена потреба од сол во организмот. Инаку, афинитетот кон солени продукти е поголем во вториот и во третиот триместар во споредба со првиот.

Мммм, краставички…

Склоноста кон кисели вкусови, како и кон слатки, ја покажува потребата од разновидна исхрана подоцна во бременоста и зголемен внес на калории. Копнеењето по кисела храна се прикажува преку класично обожавање на кисели краставички. Бидејќи овошјето е комбинација од сладок и кисел вкус, со истото се објаснува и зголемената потреба од овошје.

Внимателно со колачите

Желбата за одреден вид храна може да доведе до прекумерно зголемување на телесната тежина. Зголемената желба за колачи, освен поголема телесна маса, може да доведе и до гестациски дијабетес и покачен крвен притисок. Ако имате неиздржлива желба за колачи, користете го она што е слатко, но и хранливо – овошјето, на пример. Наместо сладолед, јадете овошен јогурт. Ако копнеете по колачи и крофни, земете тост со џем. Во случај да сонувате чоколадо, консумирајте чоколадно млеко.

Аверзија кон храна

Одредени видови храна можат да предизвикаат да чувствувате мачнина во бременоста. Според истражувањата, најчесто такво чувство предизвикуваат месото и животинските протеини – како јајцата и морските плодови. Кај многу бремени жени, не само храната, туку и нејзиниот мирис може да предизвика аверзија. Тоа е последица од хормонските промени.

Во првиот триместар постои аверзија кон горчливиот вкус. Според научните објаснувања, оваа промена штити од консумирање алкохол во критичната фаза од феталниот развој. Интересно е дека аверзијата кон горчливиот вкус се намалува во третиот триместар, кога таа фаза завршува.
Одредени истражувачи не се согласуваат дека желбата за одреден вид храна е поврзана исклучиво со дефицит на некои нутритиенти, бидејќи сметаат дека се работи само за желба и ништо повеќе. Бидејќи, ако на бремената жена ѝ требаат протеини, таа може да ги земе од мешунки или од сардини, порадо отколку од црвено месо. Работата е што бремените жени копнеат кон одреден вид храна, а не кон цела група прехранбени продукти. Научниците сметаат дека еден дел од желбата се должи на биолошки, а дел на психогени влијанија. Одредената храна се поврзува со доброто расположение во бременоста, па се јаде во зголемена мера. Некои бремени жени копнеат по пченично и пченкарно брашно, кои во мала количина не се штетни, но можат да предизвикаат стомачна болка ако се земаат во поголеми количини.

Автор: Јасминка Комненовиќ, педијатар-нутриционист

 



912

X