Полна со растителни влакна и сложени јаглехидрати, овесната каша е одличен извор на енергија. Покрај тоа, таа не е скапа храна, лесно се приспособува на сите видови вкусови и ги одржува нашето срце и нашиот дигестивен систем во добра форма. Доста заситува и затоа претставува многу здрав појадок за децата. Во продолжение откријте повеќе за тоа зошто овесот треба да биде една од првите намирници и неколку рецепти за деца од различна возраст што ќе ви дадат идеи како да ја сервирате оваа храна.

Зошто овесната каша може и треба да биде еден од првите јаглехидрати што ќе ги воведете?

Пред да почнете со воведување цврста храна без млечни производи, најдобрата стратегија е да направите план и програма за воведување храна по препорака на педијатар, базирана на вашата историја на болести и возраста и развојот на вашето бебе.

Ако почнете да воведувате цврста храна, нема да погрешите со овесната каша. Овесната каша е вистински благодат за вашето бебе од неколку причини:

– Добар извор на растителни влакна и хранливи материи: Овесната каша, освен што е добар извор на растителни влакна, содржи магнезиум, железо и цинк. Како што расте бебето, му треба храна што содржи повеќе минерали и витамини од оние што се наоѓаат во млекото. Овесната каша е добар начин да се воведе храна со текстура бидејќи е мека, но има структура. Хранливиот состав на овесна каша го поддржува растот и развојот на бебето.

– Лесна е за дигестивниот систем: Овесната каша се препорачува од шестиот месец на бебето, бидејќи е лесна за варење поради присуството на бета-гликани, поттикнува ситост и спречува формирање гасови.

– Спречува констипација – Многу бебиња доживуваат констипација по воведувањето на цврстата храна. Овесната каша, како добар извор на растителни влакна, е природен лаксатив. Растителните влакна од овесната каша прават храната лесно да се движи низ цревата.

– Добро се меша со другата храна – Со кој вид храна ќе се користи овесната каша, зависи од препораките за дадената возраст на бебето. Овесната каша може лесно да се меша и со зеленчук и со овошје, да се подготви со вода, а потоа да се додаде мајчино или адаптирано млеко, подоцна, од 7 до 8 месеци (по препорака на педијатар) и јогурт. Поради добро вклопување во вкусовите, без разлика дали сакате да подготвите нешто слатко или солено, како и брзи подготовки, овесната каша е идеален избор за појадок.

– Поттикнува добро здравје – Овесот содржи висок процент на протеини и други супстанции кои промовираат добар имунитет, добро здравје на косата и кожата и се добар извор на енергија. Присуството на витамините Б5 и Б6 влијае врз правилниот развој и доброто функционирање на нервниот систем.

Каков вид овесна каша да користите?

Кога во исхраната воведувате овес, важно е да знаете дека тој нема глутен во својата структура, но може да содржи траги од него бидејќи во повеќето случаи се чува во истите силоси со житариците што содржат глутен. Ако вашето дете има проблеми со глутен, тогаш треба да изберете овес или овесна каша што немала допир со глутен. Исто така, на пазарот има различни видови полуготови овесни снегулки, кои обично содржат додаден шеќер, сол и други адитиви. Сепак, тие не се најдобриот избор кога станува збор за подготовка на овесна каша.

Се препорачува да користите овесни снегулки кога приготвувате овесна каша, секогаш кога е можно, што е најдобар и истовремено поевтин избор. Користејќи храна во речиси природна форма, обезбедувате многу повеќе хранливи материи. Ако, сепак, изберете полуготов овес, добро прочитајте ја декларацијата и изберете ги само оние што не содржат додаден шеќер и сол. Ако овесната каша содржи повеќе адитиви отколку основната храна, подобро е да ја оставите на полицата.

Дали е во ред детето секој ден да јаде овесна каша?

Ако вашето дете сака да јаде овесна каша секој ден, тогаш погрижете се да ја правите на различен начин и со различни додатоци, и со тоа да му обезбедите поширок избор на витамини и минерали.

Обично се служи како појадок, но дали овесната каша е добра и за вечера?

Топлата овесна каша е исто така добар избор за вечера бидејќи овесот содржи мелатонин и сложени јаглехидрати кои помагаат што повеќе триптофан да влезе во мозочните клетки и со тоа да доведе до побрз сон. Еден од витамини во овесот е Б6, кофактор во производството на серотонин во мозокот.

Како се чува?

Тешко е да се погоди точната количина што ќе ја јаде вашето дете. Основната база (варена овесна каша) можете да ја чувате во фрижидер до 3 дена. Кога сварените снегулки ќе се оладат, покријте ги добро и чувајте ги во фрижидер. Ако ви остана малку овесна каша од појадокот, можете да ја измешате во попладневната ужина.

Како да подготвите овесна каша за бебиња и деца?

За најмладите, основната база во овој случај се овесни снегулки и вода. Можете да ги сомелете овесните снегулки кога воведувате храна, иако снегулките омекнуваат толку многу во водата, што нема потреба. Најдобра мешавина ќе добиете од:

4 лажици снегулки + 1 чаша млеко (до година дена мајчино или адаптирано, а подоцна и кравјо млеко).

Во зависност од возраста или друга веќе воведена храна, може да се даде овесна каша подготвена на овој начин:

– Изблендирано или мелено овошје,
– Зеленчук и/или овошно пире,
– Компот од свежо или суво овошје,
– Мелени ореви.

Кога во овесната каша се додаваат жолчки или сирење, нејзината хранлива вредност дополнително се зголемува.

Рецепти

1. Овесна каша со тиква

Направете здрав оброк за вашето бебе (или постаро дете) кој содржи цели зрна, растителни влакна и зеленчук. Покрај тоа, овој брз рецепт за појадок можете да го подготвите многу брзо, а има вкус на тиква.

Тиквата сварете ја на пареа или испечете ја за постаро дете, па изблендирајте ја или исечкајте ја, додајте малку пире од јаболка или рендано јаболко и цимет и измешајте со зготвената овесна каша. Добар пар во овесна каша се и тиква и сладок компир (батат).

2. Овесна каша со јаболко

Во овесната каша додајте неколку лажици пире од јаболка за да додадете сладост на поздрав начин. Ова ќе додаде малку витамин Ц во оброкот на вашето дете. Како што расте бебето, можете да го изрендате јаболкото и да додадете малку цимет или суво грозје.

Други идеи со јаболко:

– Додајте малку рендан морков и малку ванила по желба;
– Додајте варен сладок компир;

3. Овесна каша со банана

Едно од омилените овошја на децата е бананата и таа е одличен додаток на овесната каша. Може да ја испасирате или да ја исечкате кога детето ќе почне да јаде парчиња, да додадете малку путер од кикиритки (кои прво самостојно ги воведовте, па дури и пробавте на кожата на детето за да видите дали пројавува алергии) или други јаткасти плодови. Во жешка овесна каша ставете две коцки темно чоколадо и почекајте да се стопи и да се соедини. Можете да исечете и да ставите банана и да ја измешате во кашата. Можете да додадете путер од јаткасти плодови.

4. Овесна каша со кокосово млеко и суво овошје

Направете тропска верзија на каша со употреба на кокосово млеко (или друг вид билно млеко по ваш избор), додајте малку чиа семе и парчиња сушено овошје, како кајсии, манго или ананас.

Се разбира, можете да користите и свежо тропско овошје.

Список со овошје што можете да го додадете во овесната каша самостојно или мешано:

Банани
Јаболка
Круши
Боровинки
Јагоди
Малинки
Праски
Манго
Киви
Сечкана брусница
Кокосово брашно

Зеленчук

Пире од тиква
Пире од морков или рендан морков
Пире од сладок компир (батат)
Јаткасти плодови и семиња – мелени или во форма на путер/крем:

Путер од кикиритки
Бадеми
Ореви
Ф’стаци
Мелен лен
Чиа семе
Семки од сончоглед

Засладувачи

Избегнувајте да додавате засладувачи за деца и „поправање“ на вкусот. Дозволете му на вашето дете да ужива во природните вкусови на храната. Дефинитивно, малку позрело овошје е доволно слатко! Ако навистина сакате некогаш да ја засладите кашата, искористете блендирана урма.

Извор



912

X