Хранењето со шише може да значи хранење на бебето со вештачко млеко или едноставно давање измолзено мајчино млеко доколку мајката не е во можност да дои.

Кога го храните бебето со шише, постојат основни упатства кои дефинитивно треба да ги следите:

– Ако го храните вашето бебе со измолзено млеко, тогаш тоа треба да биде свежо измолзено, по можност непосредно пред да го нахраните.

– Ако на вашето дете му давате вештачко млеко, многу е подобро да го ставите целото шише во топла вода за да ја загреете содржината на шишето отколку млекото да го греете во тенџере.

– Пред да дадете вештачко млеко, проверете ја температурата така што неколку капки млеко ќе ставите на зглобот за да бидете сигурни дека млекото не е премногу жешко.

– За да спречите голтање воздух, свртете го шишето наопаку за да излезе воздухот од цуцлата пред бебето да почне да пие млеко.

– За време на хранењето, главата на бебето треба да биде хоризонтално поставена бидејќи странична или навалена положба може да го отежни голтањето.

– За да го намалите заморот и да спречите болка во рацете за време на хранењето, сменете ја положбата на бебето во другата рака.

– Обрнете внимание на знаци што би можеле да покажат дека отворот на цуцлата е премал или преголем. Свртете го шишето наопаку без да го тресете. Ако млекото само истече, тоа значи дека дупката е преголема и бебето добива поголема количина млеко што ќе го отежне голтањето. По правило, треба да капнува една капка во секунда. Доколку отворот е премал, ќе забележите дека бебето се напрега додека пие млеко, што може да го измори, но и да го остави гладно.

– Треба да знаете да процените кога му е доволно на бебето, а не да чекате секојпат да го испие целото млеко. Ако забележите дека бебето заспало за време на хранењето, извадете го шишето од неговата уста.

– Внимавајте при изборот на шише. Купете поцврсто шише за да не се скрши. Пожелно е врвот на цуцлата да биде поставен дијагонално за да се спречи заглавување на меурчињата на врвот на цуцлата.

Стерилизацијата е важна. Како правилно да го стерилизирате шишето?

Додека вашето бебе не наполни 6 месеци, шишето треба да се стерилизира секојдневно бидејќи телото на бебето сè уште нема доволно антитела за да се бори против бактериите, а познато е дека млекото е идеална средина за нивно размножување. По шестиот месец шишето мора темелно да се мие секој ден, а стерилизацијата треба да се практикува околу 2-3 пати неделно.

Многу е важно да се стерилизира не само шишето, туку и цуцлата и капачето.

Пред да го стерилизирате шишето, измијте ги рацете со вода и благ детергент.

Одделете ги сите делови од шишето и измијте ги темелно во вода и детергент и потоа добро исплакнете. Дури потоа ставете сè во тенџере со вода и варете неколку минути. За да не се стопи шишето, не покривајте го тенџерето со капак. Откако ќе зоврие, тргнете ги шишето, цуцлата и другите делови и оставете ги кратко во садот, па извадете ги и оставете ги да се исушат.

Извор



912

X