Како родители, стресот сигурно не ви е непознат поим, туку нормален дел од животот. Со други зборови, кој не поминал низ тренинг на нервите наречен „одење на спиење“ или имал дома мало човече кое одбива речиси сè што ќе му се стави во чинија – тој и не знае што е стрес.

Сепак, она што можеби не го знаете е како вашата фрустрација и нервоза им влијаат на вашите деца и нивното ниво на стрес. И додека трепнете, може да се случи вашата, некогаш мирна и стабилна куќа да биде исполнета со викање, нервоза и плачење. Не постои начин целосно да се ослободите од стресот, но можете да го намалите. Експертите нашле седум клучни знаци дека стресот е над прифатливите граници и советуваат како да го решите проблемот:

1. Никој не спие како што треба

Кога нивото на стрес ви е постојано покачено, спиењето е една од првите работи врз кои се одразува. Дополнително, недостигот од сон може да ве направи уште понервозни и, се разбира, стресот да се зголемува. Ако се пронаоѓате во ова, обидете се да го промените правилото – секоја вечер ставете ги децата во кревет половина час порано, а истото направете го и вие.

2. Викате едни на други повеќе од вообичаено

Колку повеќе чувствуваме стрес, толку повеќе викаме и се расправаме со луѓето дома. Намалувањето на викањето помага, како и обидот да си посветите време едни на други. Едноставно легнете, прегрнете се и дишете. Тоа ќе ви значи и вам и на децата.

3. Имате помалку заеднички оброци

Тажна вистина – кога вие или вашиот партнер сте под стрес или сте нервозни, многу е веројатно дека постарите деца ќе се обидат да ги избегнуваат заедничките оброци за да не налетаат на вашиот испад на бес. За заедничката вечера да биде пријатно искуство, предложете секој член на семејството да напише на лист хартија една убава работа за некој друг член на семејството и тоа да го стави во тегла. За време на оброкот извлекувајте ги хартиите и читајте наглас. Може да помогне децата повеќе да се радуваат на вечерата и е одличен начин да се пофалат за некои работи што добро ги направиле.

4. Вашето дете се повлекува во себе

Старите деца често се затвораат во соба, а помладите престануваат да бараат да одат кај пријател или да им доаѓаат пријатели . Решението е во разговорот. Зборувајте колку можете повеќе со децата. Ако чувствувате дека сте под стрес, кажете им го тоа и известете ги дека ќе прошетате во природа за да се обидете да впиете позитивна енергија. Нека се уверат дека се обидувате да го решите тој проблем и дека не бегате од тоа.

5. Сите често се разболувате

Без разлика на возраста, хроничниот стрес носи и болести. Помладите деца може да се жалат на болка во стомакот и на кошмари, а тинејџерите на главоболки. Возрасните претежно се жалат на болка во вратот, рамениците и грбот. А сите заедно главно имаат проблеми со сонот. Не е чудно кога цело семејство е под стрес, имунолошкиот систем тоа веднаш да го покаже. Одете порано во кревет, практикувајте поредовно миење на рацете, вежби и здрава исхрана. Практикувајте и заеднички активности со членовите на вашето семејство.

6. Секогаш некаде брзате. И вие и децата

Со тоа се создава тензија, главоболка, болка во стомакот и низа други непријатни ефекти. Ако забележувате дека сте претерале, направете пауза. Подобро е некаде малку да задоцните отколку да стигнете навреме со тензија и нервоза.

А долгорочна стратегија? Сфатете ја сериозно задачата за воспоставување рамнотежа во својот дом. Не претерувајте. И на децата и вам одвреме-навреме ви е потребен одмор.

Автор: А.Ц.



912

X