Распаѓањето на традиционалните родови улоги на жените и мажите значително се одрази врз начинот на кој сакаме, стапуваме во љубовни врски или брак, основаме семејство. Промените во улогите на жените и  мажите се одразија и врз улогите на мајките и татковците. Во традиционалната култура мајката е задолжена за давање љубовта, а таткото за дисциплинирање на детето. Тоа овозможувало децата да го добиваат од родителите она што им е потребно за правилен развој во возрасни самостојни луѓе: љубов и дисциплина.

Денес има сè повеќе семејства во кои родителите не се однесуваат како мајка и татко, туку како две мајки: како женска мајка и како машка мајка. И тој и таа се обидуваат на детето да му дадат што повеќе љубов, што некогаш доведува до вистински натпревар помеѓу нив. Додека во современото воспитување принципот на љубовта е истакнат и ставен во прв план, принципот на дисциплина, израз на татковското и машкото, е занемарен. Зошто дошло до оваа промена и како на идните генерации им влијае тоа што добиваат многу љубов и премалку дисциплина?

Сознанијата што во изминатите стотина години почна да ни ги носи психоанализата важно влијаеја врз нашето колективно свесно и несвесно. Општо прифатен е фактот дека децата што не добиле љубов од родителите се развиваат во невротични возрасни личности. Не сакајќи да ја направат таа грешка, многу поверувале дека спротивното родителско однесување (постојано покажување и докажување на љубовта) би било клучно за развојот на детето во самостојна и ментално здрава возрасна личност. Насочувајќи се на детското доживување на сакањето, родителите откриле дека секој обид за дисциплинирање што кај детето предизвикува непријатност тоа го доживува како знак за несакање. Не сакајќи да го трауматизираат детето, родителите престанале да прават три работи од кои се состои дисциплината: да ги одбиваат желбите на детето, да го тераат да прави корисни, но непријатни работи и да го казнуваат кога ќе заслужи. Така од современото воспитување се изгуби татковскиот пристап, а татковците го презедоа мајчинскиот пристап.

Понатамошната судбина на голем број деца што пораснале преку воспитување во рамките на ваквата идеологија на „среќно дете“ ни покажува дека од една грешка сме отишле во спротивната. Како што не е во ред начинот на воспитување заснован на дисциплина без покажување љубов, така не е во ред ни начинот на воспитување во кој постои покажување на љубов, но без дисциплина. На децата им е потребна љубов, но исто така и дисциплина.

Денес е јасно дека разгалените и премногу заштитените деца не се доволно опремени за самостоен живот. Наместо во чувствата на детето, родителите треба да гледаат во својата долгорочна цел: да го оспособат детето за самостоен живот во општеството. Наместо постојано да го усреќуваат, треба да му помогнат самото да си најде среќа во животот.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X