Образование

Важен настан во Битола: Проф. д-р Владимир Трајковски ќе предава за раната интервенција кај децата од аутистичниот спектар

Здружението „Невроразлични“ од Битола, со поддршка од Општина Битола, организира стручен настан посветен на унапредување на поддршката и подобрување на разбирањето на децата од аутистичниот спектар. Настанот ќе се одржи на 3 октомври, со почеток од 11:00 до 13:30 часот, во Салата на Советот во Општина Битола.

Централно предавање ќе одржи проф. д-р Владимир Трајковски, редовен професор на Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје и еден од водечките експерти за аутизам и развојни нарушувања во земјава.

Во фокусот на предавањето ќе бидат клучните аспекти на навремената дијагностика и раната интервенција, како основни фактори кои директно условуваат подобар развој и повисок квалитет на живот за децата со невроразличност.

Од здружението „Невроразлични“ истакнуваат дека главните цели на овој собир се подигнување на општествената свест, обезбедување стручна поддршка за родителите и запознавање на јавноста со најновите научни сознанија во областа на невроразвојот.

Организаторите порачуваат дека во време на многубројни предизвици, клучен предуслов за инклузија на невроразличните деца во заедницата е токму подоброто разбирање на нивните потреби од страна на возрасните.

Настанот е од отворен карактер и е наменет за сите заинтересирани граѓани, родители и стручни лица од регионот.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top