Цвеклото е многу богато со хранливи материи, на пример, фолна киселина, манган, нитрат и калиум. Консумирањето цвекло може да ви понуди неколку здравствени предности, вклучително и намален крвен притисок, зголемен проток на крвта и подобрена издржливост. Затоа, погледнете ги овие 3 одлични рецепти со цвекло – кои се воедно и многу здрави.

Намаз од цвекло со бадеми

Состојки: 2-3 помали цвекла, половина дланка бадеми, половина врзоп магдонос, свежо исцеден сок од половина лимон, сол, 2 лажици павлака, маслиново масло.

Подготовка: Измијте ги цвеклата, излупете ги и изрендајте ги на ситно. Исцедете го цвеклото добро со помош на рацете, па ставете го во некој сад. Испечете ги грубо исечканите бадеми, додајте ги во цвеклото, потоа ставете ги во тоа двете лажици павлака, магдонос и исцедениот сок од половина лимон. По желба, може да ставите и малку лук. На овој начин сте добиле одличен намаз од цвекло и бадеми.

Цвекло-салата

Салатата од цвекло може да се подготви од свежо или од зготвено цвекло. Секогаш советуваме во исхраната да се користи свежо со оглед на тоа дека со готвењето може да се изгубат некои од скапоцените состојки.

Состојки: 1 цвекло со средна големина, половина ‘рдоква, 3 моркови со средна големина, малку маслиново масло и сол, по вкус, лук – ситно исечкан, по вкус.

Подготовка: Подгответе го наведениот зеленчук, измијте го, излупете го, потоа изрендајте го и добро промешајте. Оваа цвекло-салата е доволна за 4 лица, а вие слободно може да ја менувате количината, во зависност од тоа за колку лица ја подготвувате. Посолете ја салатата и прелијте ја со маслиново масло, а можете да додадете и ситно исечкан лук. Убаво измешајте и уживајте во оваа здрава салата.

Печено цвекло со зеленчук

Состојки: 2-3 помали цвекла, 2 поголеми моркови, 1 целер, 3 помали главици кромид, 4 чешниња лук, 3 помали тиквички, 10 шампињони, рузмарин, 1 ловоров лист, сол и црн бибер, 2 лажици маслиново масло. За прелив: балсамико оцет, свежо исцеден сок од лимон и мед – по вкус.

Подготовка: Наведениот зеленчук исчистете го, излупете го и исечкајте го на поголеми парчиња. Зачинете со рузмарин, ловоров лист, посолете и ставете црн бибер. Ставете на тава хартија за печење, а потоа ставете го подготвениот зеленчук во тавата и печете во рерна на 220 степени. Прелијте го зеленчукот со малку маслиново масло, намалете ја температурата во рерната и кога ќе забележите дека зеленчукот почнал да се карамелизира – тогаш е готов. Префрлете го зеленчукот во соодветен сад, прелијте со сок од лимон, балсамико оцет и додајте малку мед.

Автор: Тамара Николичиќ

Извор



912

X