Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 3 години која сѐ уште не зборува. Посетува дефектолог, логопед и градинка. Зборува на некој нејзин јазик кој за нас е неразбирлив. Проблемот е што со нас не сака да соработува, нѐ игнорира. Ретко игра со други деца, а физички е напредна и нема проблем со исхрана и спиење. Како да стимулираме говор? Постојано го затнува увото кога има звуци. Се плашам да нѐ е спектар на аутизам зашто не сака да извршува наредби, а на дефектолог напредува и извршува секакви наредби.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето дете и браво за чекорите што веќе сте ги направиле за нејзиниот развој.
Зборувањето на свој „јазик“ е знак дека таа се обидува да комуницира, што е многу добро, меѓутоа, се бори да формира препознатливи зборови и реченици.
Можно е вашето дете да е преоптоварено со голема количина концепти кои поради некоја причина едноставно не може да ги репродуцира или користи во предвидениот контекст. Исто така, можно е да се работи за чиста незрелост на сите процеси неопходни за нивото на комуникација на дете на нејзина возраст.

Како вашето дете комуницира невербално? Како е кога игра со вас?
Споменавте дека добро напредува со дефектологот и логопедот и дека ги следи наредбите во тој амбиент, а како е во градинка? Ова покажува дека таа е способна да учи и да соработува кога е водена на начин кој функционира за неа. Побарајте темелна евалуација од нив за подобро да го разберете нејзиното однесување и би било добро и дома да комуницирате на начинот на кој комуницираат тие. Побарајте конкретни вежби или техники кои добро функционираат на нејзините сесии за да работите и дома.
Децата најдобро учат преку игра, вклучувајте ја во различни игри каде што се комуницира за да ѝ помогнете да се изрази. Разговарајте со неа во текот на секојдневните активности (на пр., „Сега ќе ја облечеме жолтата блуза, крени ја раката, па другата“, „Те молам, однеси го ова…“, „Ја ставам топката во корпата. Сега ти си на ред!“) и повторувајте едноставни фрази.
Кога јаде, прашајте ја: „Дали сакаш вода или сок?“
Би било добро дополнително да вклучите визуелни помагала, како сликовници и карти. Можете да вклучите и разни игри со табла за цртање, ставање и вадење мали предмети, сложувалки, платнени кукли и играње улоги итн.
Повикајте роднини или другарчиња заедно да играат или да организирате заеднички прошетки и играње надвор.
Забележете на кои одредени звуци го затнува увото, споменавте уво, а не двете уши. Потрудете се дома да имате конзистентни рутини кои ќе ѝ даваат чувство на сигурност, а пред спиење читајте, именувајте и покажувајте на сликовниците и барајте и таа да ви покажува.
Исклучете ги дигиталните уреди, како мобилен и ТВ, на детето му е потребна жива интеракција. Гледајте цртани и разговарајте, но мобилните телефони заборавете ги.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.
912