Првите три години од животот се клучни за развојот на мозокот. Во првите контакти со екранот детето се обидува да воспостави комуникација со содржината на него. Бидејќи она што е на екранот не возвраќа, детето почнува да се затвора во себе бидејќи не добива одговор на обидот да комуницира. Тоа е најголемата штета од екранизмот. Детето не научило да комуницира со екранот, па и мозокот на детето е трениран да се исклучи. Ова е она што ние го нарекуваме дигитален аутизам. Детето не гледа и не доживува други деца и луѓе, се повлекува во себе.

Кога им даваме мобилни телефони на децата, им ја крадеме досадата. Како резултат на тоа, добиваме генерација писатели кои никогаш нема да пишуваат, уметници кои никогаш нема да цртаат, готвачи кои никогаш нема да направат неред во кујната, пишува американскиот писател Гленон Дојл.

Голема и тажна вистина е дека мобилните телефони многу крадат од децата, а родителите најчесто не се ни свесни за тоа. Проблемот на т.н. екранизација има големи последици врз животот на новите генерации, таа е доста присутна и тешко ни е да се бориме со неа, но повикани сме да се бориме. За зависноста од екраните и крадењето на детската досада, хрватската веб-страница Новилист.хр разговараше со логопедот Лана Шрамек Баришиќ, раководител на клиниката за логопедска терапија „Демостен“ во Бјеловар.

Прекумерна стимулација

Дали можете да направите паралела помеѓу дете што растело во 1952 година и 70 години подоцна, односно во 2022 година?

– Денес децата се преплавени со информации со кои постојано се соочуваат, имаат инструкции од сите страни, а слободното време им е исполнето и структурирано со различни активности. Децата денес, за разлика од децата што пораснале во 50-тите, 60-тите или 70-тите години на минатиот век, немаат, така да се каже, слободно време – време кое не е структурирано, време поминато во слободна игра, време во кое им е досадно и ги поттикнуваат имагинацијата и креативноста. Денес сѐ е „сервирано“, играчките се „готови“, темата е однапред одредена. Ако им е досадно, има родители кои набрзина организираат активност за да не им биде досадно, а кога родителите немаат ни време ни нерви, постојат екраните, безброј содржини достапни на допир на прстот. Децата се движат значително помалку во споредба со децата што пораснале во 70-тите. А мозокот учи преку движење, човекот е создаден да се движи, работа на детето е да се движи и на тој начин да го стимулира неговиот севкупен развој.

Што покажуваат светските податоци за употребата на електронските уреди?

– Просечното дете од предучилишна возраст е пред екраните 2,4 часа во работните денови или три часа за време на викендите. Во текот на неделата, 60 отсто од децата на предучилишна возраст поминуваат два или повеќе часа пред малите екрани, додека за викендите дури 72 отсто од нив го прават тоа. Речиси секое петто дете гледа телевизија повеќе од два часа во работните денови, а секое трето дете тоа го прави за време на викендите. Околу 15 отсто од децата играат игри на уреди, повеќето од нив и до еден час дневно. 6 отсто од децата од предучилишна возраст имаат мобилен телефон, а 4,2 отсто од децата пред да наполнат четири години. При нивната употреба децата се повеќе од пасивни приматели на информации, тие активно бараат содржина што им е интересна и привлечна. Секое трето дете користи електронски уред барем понекогаш за време на оброците, а 90 отсто од нив користат електронски уреди пред спиење. Едно од десет деца често или секогаш ги користи електронските уреди за време на оброците, а дури 41 отсто од децата ги користат често или секогаш непосредно пред спиење. Околу 50 отсто од родителите им даваат на своите деца уреди за да се забавуваат и да го окупираат нивното внимание. Повеќе од една третина од родителите веруваат дека електронските уреди се корисни за учење на децата, а некои родители веруваат дека децата подобро ќе се вклопат со своите врсници доколку користат современи технологии. Околу половина од родителите не знаат да проценат дали електронските уреди се штетни или се корисни за нивните деца. Самите родители многу користат уреди, а бидејќи родителите се најголеми примери за децата, истражувањата покажуваат дека времето на родителите и децата пред малите екрани е тесно поврзано.

Темпото на живот денес придонесува за поголема употреба на екраните

Дали е проблем и тоа што родителите денес премногу работат?

– Начинот и темпото на живот денес дефинитивно придонесуваат за поголемо користење на екраните. Луѓето се соочуваат со поголем стрес и повеќе обврски, а кога ќе се вратите од работа и од градинка или училиште, има уште многу да се направи. Како мајка, можам да ги разберам родителите кои посегнуваат по екранот како инстант забава или „дадилка“ за своите деца додека вршат домашни работи, готват ручек и одговараат на официјални повици. Најмалку што ви треба во тој момент е дете, две, три, да скокаат околу вас, да викаат, да се расправаат, да бараат внимание итн. Разбирам дека е полесно да го вклучите телевизорот или таблетот и да го „смирите“ детето додека имате работа. Ова не е проблем ако трае кратко, ако се контролира содржината и ако потоа му се посветите на вашето дете и поминувате активно време надвор на воздух, со некоја физичка активност, а навечер читајќи сликовница/книга пред спиење.

Што, всушност, е екранизмот?

– Екранизмот е поим кој веќе неколку години е присутен во професионалните кругови на логопедите, психолозите и другите сродни професии, а се користи сѐ почесто. Познат е и како дигитален аутизам, а би можеле да го окарактеризираме како зависност. Пред да се развие зависност, нервниот систем на детето е престимулиран со редовното изложување на екранот. Ова предизвикува хроничен стрес во мозокот, што резултира со различни нарушувања во учењето и однесувањето, расположението и вниманието. Ако вашето дете е често претерано возбудено, неорганизирано, непослушно и пркосно, ако му е тешко да се оддалечи од екранот, ако му е тешко да задржи пријатели поради незрело однесување, ако опсегот на интересите на вашето дете е стеснет само на екранот, постигнува слаб успех на училиште, се чини дека е мрзливо, немотивирано и невнимателно – можно е причината за сето тоа да е екранизмот.

Се чини дека малку обрнуваме внимание на проблемот со екранизмот.

– За оваа тема се зборува веќе неколку години, но во последно време сѐ почесто затоа што експертите кои се занимаваат со воспитување и образование на децата, како и сите што се во близок контакт со децата, често забележуваат промени кај децата, нивниот развој и однесување кое не може да се поврзе со здравствени тешкотии или со последици од некои други нарушувања.

Премалку се зборува на темата бидејќи гледам дека малку родители се свесни колку се штетни екраните. Иако во училиштата се спроведуваат цели проекти за медиумска писменост, додека детето ќе почне да учи, проблемот веќе се вкоренил и пораснал. За жал, многу родители се фалат како нивното бебе се концентрира половина час пред телевизорот и како може за тоа време да ја исчистат куќата или да се одморат. Многу бебиња и деца си играат со вклучен телевизор и нивното внимание е пренасочено од играта на екранот и, како резултат на тоа, тие не можат да го задржат своето внимание во играта или со друго лице подолго време. Премалку се зборува и едуцира за темата. Експертите сè повеќе и повеќе се свесни за овој проблем и јас сè уште гледам напредок во позитивна насока, но засега тој е премал.

Кои се симптомите на eкрaнизмот и карактеристичните однесувања?

– Меѓу симптомите на екранизам се: чести промени во расположението, тешкотии во јазикот и говорот, послаб речник, побавен когнитивен развој, тешкотии во комуникацијата, неконтролиран прекумерен гнев, слаба самоконтрола на емоциите и однесувањето, неорганизирано однесување, нарушувања на спиењето, тешкотии во учењето, депресија, пад на училишниот успех, премалку време поминато на свеж воздух и физички активности, проблеми со тежината, недостиг на време за учење и игра и релаксација.

Извор



912

X