Колку пати сте чуле од родителите дека детето премногу бара, дека е хиперактивно, чувствително, плашливо, добро, предизвикувачко итн.? Исто така, многу често родителите што имаат повеќе од едно дете зборуваат дека браќата и/или сестрите се сосема различни по карактер и дека кај едното дете „поминува“ една воспитна мерка, а кај другото сосема спротивна?

Всушност, овие епитети и описи што родителите често ги користат се однесуваат пред сѐ на темпераментот на детето. Темпераментот е нешто што го добиваме со самото раѓање. Можеби некои родители помислуваат дека постои „добар“ или „лош“ темперамент, но тоа не е точно. Имено, темпераментот не може да биде ниту добар ниту лош, може да биде само различен. Секоја личност има свој темперамент и по тоа луѓето и децата се разликуваат.

Како се проценува темпераментот?

Темпераментот не е еден и се состои од повеќе различни карактеристики, односно димензии, и секој родител може да процени во која мера е секоја од тие димензии изразена кај неговото дете. На пример, една од димензиите е колку детето има тенденција да избегнува опасност. Постојат деца што по природа се плашливи или анксиозни и при секој минимален знак на некаква опасност тие ќе се повлечат. За нив опасност може да биде и влез во некоја социјална ситуација, но и која било нова и непозната ситуација, на пример, тргнување на училиште. Од друга страна, за оние деца што немаат толку изразен страв од непознати ситуации и околности често се вели дека се бестрашни. Покрај споменатата димензија на темпераменти, постои и димензија за потрага по нешто ново и за истражување, зависност од награди, како и димензијата упорност.

Што е сензитивен или предизвикан темперамент?

Иако повеќето родители ќе речат дека децата кои по природа се повлечени и помалку друштвени имаат чувствителен темперамент, вистината е дека сите деца што на претходно споменатите димензии одат во која било крајност поседуваат чувствителен или предизвикан темперамент. На пример, детето кое покажува импулсивно однесување, зголемен истражувачки нагон, екстремно висок степен на социјализирање и/или високо ниво на енергија, може всушност да покаже и некое немирно однесување, кое на возрасните обично им пречи. Често за тие деца се користат погрдни имиња и придавки: немирен/а, безобразен/а, хиперактивен/а, невозможен/а… Иако не изгледаат така, тие деца навистина во еден момент почнуваат да веруваат дека се „лоши“ и тоа има силно влијание врз нивната самодоверба, која најчесто е ниска.

За среќа, повеќето деца се некаде помеѓу димензиите на темпераментот, но за родителот да го приспособи својот пристап, би било пожелно добро да го запознае своето дете.

Како да се предвидат потенцијалните точки на конфликт помеѓу детето и родителот?

Иако не постои „добар“ или „лош“ темперамент, често се случува на родителите да не им одговараат одредени карактеристики од темпераментот на нивното дете. Тоа се случува затоа што во тие карактеристики родителот и детето се целосна спротивност. На пример, детето има високо ниво на енергичност и активност, постојано е во движење и трча, а родителот има ниско ниво на активност, сака да поминува повеќе време читајќи книги. И за родителот и за детето оваа комбинација може да биде исцрпувачка, но и точка на недоразбирање и идни конфликти. Доколку родителот не му пристапи на детето на соодветен начин, може да дојде до нарушување на односот со детето, што влијае врз целокупниот психолошки развој – неговиот карактер, самодовербата, како и врз сите други важни животни вештини.

Кој родителски пристап да се користи во зависност од темпераментот на детето?

Со оглед на тоа дека секое дете е различно, пристапот на родителите треба да се приспособува. На пример, доколку детето е активно, енергично, сака да трча и да игра, сосема е логично тоа да му го обезбедите. Ваквите деца често се помалку свесни за своите телесни шеми и кога се дома лесно можат да се повредат. Затоа е важно на овие деца да им се обезбеди доволно простор да можат безбедно да си играат и истовремено да им се упатуваат охрабрувачки пораки, како што се: „Ми се допаѓа тоа што сѐ правиш толку брзо“. Овие пораки се посебно важни за градење здрава самодоверба кај овие деца, затоа што околината во помала или поголема мера секогаш ќе ги осудува поради нивните активности кои се многу повеќе од она што многумина очекуваат. Овде не е поентата да ги претставуваме секогаш во позитивно светло, туку во нивното однесување да го истакнеме она што е позитивно и тоа да го користиме преку комуникација како мали „островчиња“, да ги охрабруваме и да испраќаме љубов.

Посебен предизвик за ваквите деца е ситуацијата кога е потребно детето да седи барем 45 минути мирно, на пример, на училиште. Постојат многу алатки со кои родителите може да му помогнат на детето да ја научи вештината на седење и работа на одредена интелектуална задача, но многу е важно да ја почитувате потребата на детето за активност. Еден од начините е родителот заедно со детето да испланира одредени физички вежби или активности помеѓу подолгото седење, на пример, на секои 30-45 минути, ако треба нешто подолго да прави.

Автор: Николина Милосавлевиќ, психолог и психотерапевт



912

X