Се прашувам дали премногу го сакала? А, како може премногу или премалку да се сака сопственото дете? Дали молчела кога уште како мал го повишувал гласот кон неа, ѝ терал инает или бил тврдоглав? Ова се зборовите на една жена во пост на Фејсбук што предизвика бура од емоции и лавина од коментари.
На родителите деновите им поминуваат во преиспитување. Покрај сите обврски, и она малку слободно време што ќе успеат да го зграбат за себе го трошат на „враќање на филмот“ и донесување нови одлуки и тактики за да ја достигнат целта – своето дете да го претворат во човек. Благодарен човек.
Понекогаш на преиспитување нè тера однесувањето на нашите деца, а понекогаш некое дете од игралиштето, па дури и некои ситуации. Мајка блогерка, која пишува под името Happy Chez Moi, на размислување ја поттикнало комшиското дете.
Ситуацијата ја опишала на „Фејсбук“, а освен неа, голем број нејзини пријатели и следбеници се приклучиле во расправата.
Го слушам синот на сосетката како ѝ се дере:
„Замолкни, глупачке! Излези од мојата соба, дебилко“, и срцето ми се кине.
Каде погрешила мајката? И таа не спиела цели ноќи кога бил болен, и таа го хранела, го носела на училиште, му купувала подароци наместо Дедо Мраз, и таа се тресела над него, го сакала, му ги бришела солзите, му ги бакнувала удрените колена.
Ми доаѓа да ја прегрнам, а нему да му удрам една шлаканица по која ќе ме памти цел живот, во моментите кога до мене преку ѕидот допираат неговите зборови полни со бес упатени кон личноста што го сака најмногу на светот. Се прашувам дали премногу го сакала? А, како може премногу или премалку да се сака сопственото дете? Дали молчела кога уште како мал го повишувал гласот кон неа, ѝ терал инает или бил тврдоглав? Дали можеби премногу му попуштала, сè му дозволувала или можеби го правела спротивното? Толку прашања додека нејзината душа ја растргнува гласот полн со бес, глас на дете кое не одбира зборови за да ја повреди и навреди?
Ја слушам понекогаш додека го испраќа на вратата: „Закопчај се, студено е“.
„Остави ме на мир!“ – ќе се развика тој трескајќи ја вратата.
Нема полошо од неблагодарно дете. Нема полошо од прашањето: „Боже, каде погрешив?“