– Постои нешто чудно кај мојот син, кој има три години. Паметен е и фокусиран, но тивок и резервиран – а ние сме прилично гласно семејство. Понекогаш плаче, понекогаш се смее, но сериозно е резервиран кога станува збор за емоции – дете кое подобро набљудува отколку што се вклучува. Се плашам дека има аутизам. Го имам изразено мојот страв, но нашиот лекар вели дека не постојат јасни знаци и затоа не нè испраќа на специјалист. Мојата сопруга на почетокот ме слушаше, но не презема ништо и сега почнувам да се нервирам. Не ми верува и смета дека само имаме тивко дете.

Голем дел од моите грижи доаѓаат поради тоа што имам близок братучед кој има некаков спектар на аутизам. Обожавав да играм со него, но повремено имаше тешки ситуации. Понекогаш имаше врескање и удирање кога ќе игравме и ќе направев нешто погрешно и тој едноставно не можеше да се справи со тоа. Обично не беше насилен кон мене, но беше страшно. Најлошиот дел беше кога еднаш излезе од контрола, а неговите родители само нè разделија и ја прикрија целата ситуација. Никој не признаваше дека има аутизам и не сум сигурен дека воопшто некому му текнало да го однесе на специјалист. Мислам дека непотребно страдаше како дете.

Дали навистина мислам дека моето дете има аутизам? Не знам. Но би сакал да ги исцрпам сите можности за да се уверам дека сме добро подготвени во случај да има. Дали е премногу тоа што барам и мојата сопруга да се согласува со мене?

Одговорот:

Постои еден момент во документарецот „Далеку од дрвото“, базиран на книга со ист наслов од Ендру Соломон, за која постојано размислувам, особено кога се начнува темата аутизам. Филмот го прикажува семејството Алнут, чиј тинејџер Џек не зборува и живее со особено лоша форма на аутизам. Откриваме дека семејството долго време се борело со комуникациските бариери на Џек, кој честопати има насилно однесување. Веројатно слично како твојот братучед.

Семејството често е фрустрирано, но неуморно во обидот да најде начин за комуникација со Џек. На крај, наоѓаат трпелив и тврдоглав терапевт кој наоѓа решение, па Џек почнува да зборува со родителите.

Она што е неверојатно е што семејството иако постојано е „тепано“ од аутизмот, никогаш не е поразено од него. Напротив, тие зборуваат со голема јасност за прифаќање на Џек точно таков каков што е. Не сметаат дека Џек треба да биде „поправен“ и се обидуваат да најдат начин за Џек да може да се покаже токму онаков каков што е: паметен млад човек кој го доживува животот поинаку од другите.

Каква врска има ова со тебе? Кога размислувам за ова семејство и другите семејства што ги прифаќаат, па дури и негуваат разликите на своите деца, размислувам за основните квалитети што им овозможиле да се движат низ нивните комплицирани животи. Се чини дека сè се сведува на три работи: љубов, прифаќање и трпеливост. Бидејќи фактот е дека не постои обука, интервенција, третман или терапија што може да ги отстрани разликите на детето. Дали тие работи можат да го олеснат животот? Секако, до одреден степен. Но, само прифаќањето им овозможува на семејствата да живеат полн живот со деца кои се фундаментално различни од нив самите.

Ја разбирам твојата загриженост. И јас сум татко на различно дете. Мојот 8-годишен син има неколку невролошки проблеми што му предизвикуваат тешкотии да се поврзе со луѓето и светот околу него. Неговите бариери се минимални во споредба со другите, но и покрај тој факт, поминав многу непроспиени ноќи грижејќи се за неговата иднина. Но, го сакам син ми поради неговите разлики. Тие се дел од него и никогаш не би сакал да ги снема. Бидејќи факт е дека тие разлики ме научија многу за себе и за светот. Неверојатно сум благодарен за тоа кој е тој и покрај фактот дека светот понекогаш не може да го разбере.

Имаш тивко дете. Нема да се обидам да ти дадам дијагноза за тоа што би можело да биде. Причините можат да варираат од тоа дека е негов природен темперамент, до твоите стравови за аутизам. Твојата желба да ги исцрпиш сите можности за да се увериш дека сте добро подготвени е сосема природна. Таа желба веројатно е зголемена од екстремните околности што ги доживеа со твојот братучед. Како татковци, нашиот основен импулс често е да ги „поправиме“ работите што ни се чинат дека се „скршени“. Кога не знаеме како, се чувствуваме беспомошни.

Но, треба да го знаеш ова: без оглед на тоа какво е твоето дете, нема потреба од негово поправање.

Твојата желба да се подготвиш за проблемот што го има твоето дете може да се сфати како незадоволство од твојот син. Постои голема можност вознемиреноста на твојата сопруга да е поради фактот дека губиш предвид кој е твојот син грижејќи се за тоа кој би можел да биде.

Во твојот случај, постои еден начин да се подготвиш: двојно зголеми ја љубовта, и кон партнерката и кон детето. Бидејќи без љубов, не може да има прифаќање. А без прифаќање, не може да има трпеливост.

На крај, мојот совет е да се обидеш да го промениш размислувањето. Имаш дете кое е различно од тебе. На многу начини тоа е неверојатен подарок. Неговото одгледување ќе биде уникатно. Научи да го поддржуваш кога ќе се појават проблеми наместо да се обидуваш да ги решиш проблемите што допрва треба да станат реалност. Биди присутен за твојот син и овозможи му да порасне во нешто што треба да порасне, а не во нешто што ти сакаш да порасне.

Автор: Патрик Колеман

Извор



912

X