Денешните генерации деца се развиваат, растат и созреваат во време кога достапноста до информации и разновидни забавни содржини е полесна и побрза од кога било. Содржината на екранот е попривлечна од реалниот живот бидејќи дава многу стимули за кратко време, а токму тоа е нејзината најголема опасност. Тешко е, по многу благо кафе, да се навикнеш на горчината, а во ситуација кога родителите се преоптоварени и под стрес, па не им се посветуваат внимание на децата онолку колку што би сакале или им требаат, екраните им го пополнуваат времето.
Жално е што за многу деца животот на интернет е поважен од тоа да бидат на отворено, а родителите честопати не знаат што да прават.
– Децата седат пред екраните затоа што не знаат како да си го пополнат времето. Родителите можеби се физички присутни, но многу често не се поврзани со децата. Важно е да преземете одговорност, да бидете информирани што прават децата додека се пред екранот, но и да им помогнете да го структурираат времето. Децата се како компјутери без оперативен систем, сунѓери кои го апсорбираат она што татковците и мајките го кажуваат и како се однесуваат, и моделираат врз основа на тоа – вели Борис Блажиниќ, професор по психологија и еден од најистакнатите експерти за емоционално здравје во Хрватска.
Затоа се препорачува да се одреди ден или време за заеднички активности во кои ќе учествува целото потесно семејство. Возење ролери, пешачење, игри на табла, готвење – има многу избори, но секако е важно да ги исклучите уредите и да го вклучите вашето дете во активностите. И нека стане традиција. Додека квалитетното време заедно е првото нешто во градењето добри семејни односи, изборот на физичка активност е уште еден адут. Покрај тоа, да се биде активен, значи вложување во здравјето. Во оваа смисла, кога станува збор за деца од предучилишна и училишна возраст, експертите се согласуваат дека треба да им се дозволи да играат активно неколку пати на ден, најмалку 60 минути планирана физичка активност и 60 минути неструктурирана физичка активност (играње).
Спортувањето им помага на децата да совладаат некои основни моторни вештини и социјални вештини, тие учат подобра комуникација и тимска работа, упорност и разрешување конфликти од различни видови. Се покажа дека учениците што се занимаваат со некој спорт, како воннаставна активност, покажуваат подобри резултати во учењето, веројатно затоа што се принудени подобро да го распределат слободното време и да се трудат да го искористат времето за учење.
При изборот на спорт треба да обрнете внимание на фактот дека тренингот содржи три основни елементи кои се важни за правилен раст и развој на детето: да се подобри издржливоста на детето, да се зајакнат и развијат мускулите и да му се овозможи подобра флексибилност на телото. Сето ова можно е да се добие со возење ролери. Возењето ролери, покрај тоа што е одлична активност за спречување на дебелината и ги подобрува силата и издржливоста, ги ублажува и стресот и напнатоста (да, училишните обврски можат да бидат многу стресни) и нè прави среќни, бидејќи го зголемува нивото на едорфин, попознат како хормон на среќата. Во текот на учебната година децата имаат структуриран ден, а поголемиот дел од времето го поминуваат седејќи во клупите, па затоа е важно да ги мотивирате да се движат – било преку игра било преку некоја организирана активност.

Во сето она што го прави детето бара одобрување и потврда дека е добро. Но, ако сите овие потврди доаѓаат исклучиво однадвор (на пример, во форма на лајкови на социјалните мрежи), детето станува несигурно и може да мисли дека не вреди доволно или дека нешто не е во ред. На детето му треба посветен родител и квалитетно заедничко време, а тоа е целата „филозофија“ на успехот во градењето на односот помеѓу родителите и децата.
– Многумина ќе речат дека целта на родителството е добро воспитано дете. Но што значи тоа? Многумина би рекле дека тоа е уредно, учтиво и послушно дете, но поентата на родителството е да го направи детето среќно и независно. Грешка е што родителите мислат дека децата мора да го сакаат истото што и тие, а се случува да го „скршат“ детето наместо да го почитуваат неговиот карактер – вели професорот Блажиниќ, истакнувајќи дека е важно мама и тато да бидат доследни во своите одлуки.
– Кога тоа не е така, тоа е како детето да има слушалки и да слуша џез на едното уво, а турбофолк на другото. Едноставно, тоа не е нормално, па детето веќе не сака ништо да слуша и потоа улицата му „пушта музика бидејќи ова дома повеќе не може да го слуша“ – опишува професорот Блажиниќ, истакнувајќи дека во образованието е пресудно колку успеавме да изградиме квалитетна самодоверба кај децата на најрана возраст.
Ако родителите ја наполнат „чашата“, улицата веќе не може да им „налее“ ништо ново.
Најголемиот проблем денес е што емпатијата е изгубена и емоционалната интелигенција е во тотален дефицит. Голем дел од одговорноста за ова лежи во екраните, бидејќи нема повеќе меѓучовечки контакт, што резултира со недоволно разбирање на емоциите. Иако овие експерти истакнаа дека децата плачат за граници и доследност, тие се согласија дека забраните (дури и екраните) не се решение.
– Поставете граници, но најдете замена за детето да не остане без ништо – советува професорот.