Те осудував, пријателке. Жал ми е. Тогаш не согледав каква е мојата реакција. Но, сега и јас сум мајка, па кажувам јавно: те осудував.
Немав таква намера. Грешев многу. Го гледам тоа сега. Кога ги хранеше своите деца со паста и сув чипс за вечера, јас бев шокирана. Зошто не им дава оброк богат со зеленчук, зошто не ги тера да јадат здрава храна? Имав мислење, но не бев доволно храбра за да го дискутирам со тебе.
Те осудував и грешев. Која бев јас за да имам мислење за твоите мајчински методи? Можеби си имала долга ноќ со бебето кое не се смирувало. Можеби другите деца те окупирале целосно во текот на денот, па само тоа што добиле каква било вечера е успех. Можеби си била исцрпена од борбата да се нахранат 3 пати дневно, а ти само си сакала заеднички семеен оброк без расправии. Те осудував и грешев.
Кога им даде на твоите деца „ајпад“ за да имаш неколку минути мир, не требаше да се прашувам што ги спречува да се забавуваат со книга или сложувалка. Требаше да бидам среќна што ме вреднуваш доволно, па се обидуваш да најдеш време да зборуваш со мене без да бидеш прекината. Или јас требаше да бидам пољубопитна за она што ти требаше да го споделиш. Ми недостига можноста да те сослушам бидејќи те осудував и грешев. Не требаше да се оддалечам кога им викаше на своите деца бидејќи се однесуваа лошо. Наместо тоа, требаше да се запрашам зошто изгледаш различно од пријателката што некогаш ја знаев. Требаше да сфатам дека ќе одиш дома таа вечер и ќе плачеш додека не заспиеш. Требаше да погодам дека солзи од срам ќе се слеваат по твоето лице бидејќи на тој начин си им се обратила на лицата што ги сакаш најмногу на светот. Те осудував и грешев.
Во моја одбрана, тогаш не знаев каква исцрпеност носи родителството. Не знаев дека хормоните на новата мајка стануваат диви – едноставно не знаев, но требаше да те прашам за тоа, а не да си создадам мислење. Те осудував и грешев.
Кога твоето дете имаше напад на бес во супермаркетот и ти го награди со чоколада за да молчи, зошто сметав дека тоа е лошо? Сите очи беа вперени во тебе додека тој врескаше и врескаше. Ти беше под притисок. Твоите инстинкти настапија за што побрзо решавање на задачата. Што има лошо во тоа? Зошто не помогнав? Пријателите не треба да избегнуваат да бидат вовлечени во непријатна ситуација, треба да помогнат и потоа да се смеат заедно за тоа. Проблемот беше што јас бев исплашена дека ќе бидам осудувана од непознати, исто така.
Но, сега јас сум таа што е осудувана и сум на другата страна на родителството. Сите очи се вперени во мене. Совршениот родител кој бев пред да имам деца исчезна драматично првата ноќ кога јас и бебето дојдовме од болница. Сега те разбирам. Се надевам дека не е предоцна. Гледам наназад со срам за моите постапки. Посакувам да можев да ги променам. Гледам колку очајно си се чувствувала и колку малку помош од другите може да го смени целиот тек на твојот ден.
Насмевка наместо муртење од непознат кога детето ќе одбие да врати колаче на полиците во продавницата. Кимање со главата од друг родител кога твоето дете ќе протестира околу нешто. Две раце за помош додека се обидуваш да се справиш со количката. Пријател кој ќе разбере ако откажеш состанок зашто си исцрпена. Ова се нештата што прават разлика за младите родители. А не е потребен многу труд. Сè што треба е да не осудувате. Не е тешко. Го сфаќам тоа сега.
Те осудував и грешев. Нема да ми се повтори. Посакувам да можев да направам повеќе мали гестови што зрачат со љубезност. Благодарна сум што ти ми ги даваш мене. Ти си мојата потпора бидејќи беше тука и претходно и разбираш низ што поминувам сега. И ветувам дека за возврат ќе го правам истото за секој нов родител што ќе влезе во мојот живот. Помагање, разбирање, поддржување. Без осуда, воздивнување и превртување на очите како порано. Си ја научив лекцијата и така ќе надоместам за сето она што го грешев порано.
Родителите треба да се држат заедно, а не да се разочаруваат меѓусебно. Има место за сите нас да бидеме родители на наши уникатни начини без да се осудуваме едни со други. Нема повеќе да те осудувам.
Автор: Линси Хани