Воспитување

Што ако децата не се воодушевени од подарокот?

Конечно е тој период од годината на кој сите му се радуваме, планираме, купуваме и што треба и што не треба, децата возбудено му пишуваат писма на Дедо Мраз, пишуваат листа со желби, бабите и дедовците планираат ручек, се бараат стари рецепти од традиционални колачи, а ние на моменти се прашуваме дали сме ја промашиле смислата на празниците?

И така секоја година се запрашуваме откако ќе ги испразниме паричниците и ќе се измориме од размислување и подготовки, а одговорот никако да го пронајдеме бидејќи разумот кажува едно, а срцето друго. За мене, главната причина за смислување, купување, истражување и украсување на подароците е токму возбудата на моите деца. И нерадо си признавам дека досега не сум ја доживеала посакуваната реакција, односно подобро да се изразам, воодушевувањето секогаш траело неколку минути.

Да се разбереме, за изостанокот на воодушевување не се виновни нашите деца, туку ние и консумеризмот во кој сме заглавени. Консумеризам во комбинација со потребата на сопствените деца да им дозволиме сè. А реално ним не им треба „сè“…

Денес речиси и да нема подароци што предизвикуваат воодушевување. Достапноста на материјалните работи и информациите со кои сме затрупани доведоа до тоа да трагаме по среќата и до инстант решенијата преку трошење пари. Сакаме да им овозможиме на децата чувство кое парите всушност не можат да го купат. Интересите на нашите деца се менуваат со брзина на светлината. Од една страна, тоа е разбирливо бидејќи живееме во доба во која технологијата толку напредува што постојано „вади“ нешто уште подобро.

Дали ни е потребно токму тоа за да бидеме среќни? Колку често ги купуваме тие емоции?

Денес нашите деца не знаат што е досада бидејќи немале шанса да се досадуваат.

Од моментот кога станавме родители се стремиме кон тоа нашите деца да имаат сензорни играчки, играчки кои поттикнуваат моторика, разни сликовници кои поттикнуваат читање, цртање, развивање на фантазијата, цел спектар на играчки на пазарот кои се навистина феноменални и корисни, а секој родител на своето дете му го посакува најдоброто. Поради карактерот на мојата работа, меѓу првите гледам што сè пазарот денес нуди за децата и родителите, а токму тие новитети, брзината на менување на различните насоки и истражувања за развојот на децата ме доведоа до тоа да почнам да размислувам каква би била јас денес ако имав толку голем избор на играчки, книги, сликовници, технологија? Дали би била поспособна? Дали би развила некои други квалитети? Од друга страна, дали би знаела да се заиграм и играта да трае подолго од 10 минути? Можам само да претпоставувам бидејќи како и во сè, не можеме да знаеме што би било кога би било, па ни како ние, како деца, би се однесувале кога би ги имале можностите што ги имаат нашите деца.

Она што за нас било забава, за нашите деца би била незамислива досада. Нашите родители не се оптоварувале со тоа што ни било досадно. Се забавуваме самите, смислувавме игри, ја ценевме секоја играчка што ја добивавме. Ги ценевме повеќе и моментите поминати во активен разговор со нашите родители. Од првиот ден, нашите деца се изложени на силни дразби од сите страни. Учиме и работиме со нив од првиот ден. Се учиме и едуцираме за родителство. Ми изгледа дека никогаш немало повеќе едукатори за родителство. Учиме и истражуваме како да го приспособиме разговорот на возраста на детето, обрнуваме повеќе внимание на тоа дека тие се мали човечки суштества кои се способни за примање и разбирање. Добиваат премногу внимание, а никогаш не им било поздодевно. Всушност, децата никогаш немале повеќе потреба од нашето внимание, а родителите никогаш не биле пооптоварени и поизморени. Зарем тоа не е парадокс?

Дали е клучот во умереноста? Умереност од сè? Разговор, емоции, играчки, учење?

Безброј пати сум се нашла во ситуација да бидам исцрпена и на раб од силата, но го собирам и последниот атом од себе за да ги анимирам моите деца и да им го дадам своето време. Се прашувам дали услов за нивната среќа е ние, родителите, да се исцрпиме и најчесто да се чувствуваме како некому да му робуваме? Некои ќе речат – што си раѓала ако ти е тешко, но на такви апсурдни коментари нема да трошам време, туку ќе се концентрирам на тоа дека денес да се биде родител е една од најтешките улоги во животот. Не треба децата да бидат само згрижени, сити и образовани, денес родителството подразбира сити со не знам какви јадења, образовани со не знам какви аспирации, како да преживеат нехумани услови во општеството на кое хронично му недостига емпатија, како да останат самоуверени, како да се сакаат себеси со сите недостатоци покрај филтрираните фотографии на совршени лица кои стануваат мерило за убавина.

Зарем тоа не е многу одговорна и предизвикувачка работа? А како да се заврши добро кога сме толку исцрпени и изморени? Сосема е јасно зошто трагаме по одговори кај разни едукатори за родителство.

Додека го пишувам овој текст, сфаќам дека само нижам прашања, а давам малку одговори. И самата трагам по идеален баланс – од мојот инстинкт и она што општеството денес ми го наметнува. Се обидувам да преземам некои методи од тоа како сум јас одгледувана и да ги приспособам на денешното време. Да го земам најдоброто од сè. Не сметам дека нашите родители правеле сè погрешно како што денешните методи истакнуваат, бидејќи гледам околу себе фантастични и квалитетни, успешни луѓе, а за генерациите на нашите деца, не сум сигурна дека иднината ќе изгледа добро кога сè им е толку достапно, дозволено и присутно. Како што веќе истакнав, верувам дека умереноста е клуч за сè. Можеме со многу помалку. Почитувајќи го притоа и времето за себе и времето за децата.

Да ги избалансираме играчките, присутноста, времето, грижата. Да ги оставиме да се досадуваат, а ние да воздивнеме.

Автор: Соња Швајхлер

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top