Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моите ќерки-близначки, 2 години и 8 месеци, многу сакаат да ни ги земаат телефоните и да гледаат „Јутјуб“. Јас и сопругот не им дозволуваме, ги криеме, ама некогаш се случува да ги видат и додека не им ги дадеме, врескаат на цел глас, зајдуваат од плачење.

Сме пробале многу работи, да им го свртиме вниманието на нешто друго за да престанат да плачат, но не помага ништо. Се чувствуваме присилени да им го дадеме телефонот, кој потоа исто така со плачење го земаме назад. Дозволен им е компјутер, гледаат на него, ама не им претставува задоволство како телефонот. Да напоменам дека кога на роднините (вујна, вујко, стрико и стрина) телефоните им стојат на маса, тие не ги допираат, знаат дека не смеат (не знам како).

Сакаме слободно да ни стојат телефоните на маса или шанк без да ни ги земаат, да знаат дека не смеат да ги земаат бидејќи не можеме постојано да ги криеме. Ако некој нè бара, не може да нè добие со часови зашто не го слушаме телефонот. Ве молам за совет.

Прашува: Васе

ОДГОВОР: Од она што го напишавте ми изгледа како оваа ситуација да е прашање на граници и одржување авторитет во однос на она што е дозволено наспроти она што не е дозволено, и она што може наспроти она што не може.

Интересно е како во вашиот допис наведувате дека вашите деца плачат и ги бараат само вашите телефони, додека истовремено знаат дека телефоните на другите членови на семејството им се вон дофатот, односно дека не смеат да ги бараат и земаат. Пишувате дека не знаете како се случува тоа, односно како децата ги почитуваат туѓите граници, додека по сè изгледа не ги почитуваат вашите. Јас би ве поттикнала да гледате токму таму. На кој начин им е на децата ставено до знаење дека не смеат да посегнат по туѓите телефони? Кој им го ставил тоа до знаење? Дали сте биле тоа вие, како нивни родители, или биле самите роднини? Ако ова успеало за нивните телефони, на кој начин би можеле тоа искуство да се примени во оваа ситуација?

Водете сметка дека доколку поставите граница која нема да им се допадне на децата (независно за што и да биде), природно е тие да реагираат и на некој начин да го изразат своето незадоволство. Но доколку преку ваквото однесување и пројавување на незадоволството тие ве наведат да ги смекнете или сосема да ги повлечете своите граници, дозволувајќи им го тоа што претходно било забрането, вие само ги учите да бидат поупорни во своите негодувања следниот пат. Односно тие учат дека ако се доволно упорни и продолжат да плачат и негодуваат, на крајот ќе го добијат тоа што го сакаат.

Јас би ве поддржала да им поставите многу јасни и многу реални граници кои ќе бидете во можност да ги одржите. Најлоша можна опција е да поставувате граници кои потоа не можејќи да ги одржите, ги повлекувате. Во таквите ситуации не само што нема да можете да ги научите вашите деца што е дозволено, а што не е, туку и ризикувате да го ослабнете својот родителски авторитет кај нив како некој што поставува граници и правила и кажува што смее, а што не смее.

Дополнително нешто што можете да го искористите во оваа ситуација е времето поминато на телефон да го искористите како награда по некоја завршена активност која е соодветна за нивната возраст. Бидејќи тоа е нешто кое двете го сакаат, тоа дополнително ќе ги мотивира да го завршуваат она што се очекува од нив, на пример, да си ги соберат играчките во кутија, да си ги измијат рацете и запчињата или да го изедат ручекот.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X