Кога и кој вид месо да се воведе во исхраната на бебето? На кој начин да ги приготвувате кашичките со месо? Дали се можни алергиски реакции на овој вид храна?
Месото е важен извор на протеини со висока биолошка вредност кои на вашето бебе му се потребни за изградба на ткива и органи. Тие се главен извор на материи за изградба на мускули, крв, кожа, коса, нокти и внатрешни органи, вклучувајќи ги и срцето и мозокот.
Месото содржи есенцијални аминокиселини неопходни за правилен раст, развој и созревање на новороденчињата, а организмот не може сам да ги синтетизира. Затоа е важно да го воведете во исхраната во вистинско време. На тој начин ќе ги задоволите и потребите на бебето за железо, затоа што месото е важен извор на овој елемент – и тоа во форма што организмот петпати подобро ги искористува од железото во зеленчукот, овошјето, житарките или млечните производи. Освен тоа, богато е и со цинк, минерален значаен за зајакнување на имунитетот. Ќе спречите и појава на анемија затоа што месото е богато со витамини од групата Б, потребни за секојдневни активности, особено витаминот Б12, кој го нема во храната од растително потекло и е од суштинско значење за градење на црвените крвни клетки и функционирање на нервниот систем.
Кога да се внесе месо во исхраната на бебето?
Вистинското време за воведување месо е по навршени шест месеци. Дотогаш бебето веќе се навикнало на вкусот на житарките, овошјето и зеленчукот, а дигестивниот систем е зрел за прифаќање и варење на намирници како што е месото.
Со каков вид месо треба да се почне?
Во исхраната на бебето прво треба да се воведе месо од живина (пилешко или мисиркино) и тоа без кожа – затоа што најлесно се вари, не е мрсно и богато е со квалитетни протеини и корисни аминокиселини. Можете да воведете и месо од млади животни, како што се телешкото и јагнешкото, кои се богати со хранливи материи, железо, витамини и минерали. Темното месо од живина обично се воведува по десеттиот месец, додека црвеното месо (говедско и јунешко) се препорачува по навршена една година. Во детската исхрана последно се воведува свинското месо, бидејќи е премногу мрсно и тешко се вари. Бебето не треба да јаде месо секој ден, па правете паузи со кашички од зеленчук збогатени со ориз, други житарки или жолчка, која изобилува со железо.
Како да приготвувате кашички од месо?
Месото што го приготвувате за бебето мора да биде свежо и квалитетно. Би било најдобро да е од животно чија исхрана била природна – да не е третирано со разни додатоци и хемикалии, ниту животните да се лекувани со одредени препарати, особено со антибиотици. Значи, треба да биде купено од проверени извори.
Секогаш одбирајте месо со мускули бидејќи е најквалитетно. Приготвувајте го варејќи го во вода или на пареа. Важно е да внимавате месото да не е премногу варено бидејќи тогаш станува премногу жилаво и тврдо, па и потешко за варење во дигестивниот систем. На почеток, месото давајте го пасирано (многу исечкано), а потоа исечкано на парчиња. Идеално е да го комбинирате со зеленчук (богат со минерали и витамини) бидејќи вашето бебе полесно ќе го прифати и ќе го голтне. Можете да го измешате и со житарки, кои во таквиот оброк ќе обезбедат доволно количество на влакна потребни за нормална регулација на дигестивниот систем. Железото од месото е уште подобро ако го комбинирате со храна која е богата со витамин Ц.
Што може да се додаде во кашичката со месо?
При приготвувањето на кашичката со месо се препорачува да додадете неколку капки растително масло (маслиново, сончогледово, од семе од репка), што е извор на витамини растворливи во маснотии и масни киселини.
Не се препорачува сол, но ако сакате да го подобрите вкусот, нема да штети ако додадете малку.
По првиот роденден, бебето може да јаде секаков вид месо (и свинско) и тоа без мешање со зеленчук. Кога ќе може да џвака, постепено преминете од испасирано на исечкано месо и послужете го со зеленчук. Кога на бебето му давате само месо, обрнете внимание да не го пресушите во приготвувањето бидејќи тогаш станува тврдо за џвакање, но и тешко за варење.
Дали постои врска помеѓу месото и алергиските реакции?
Сите намирници што се воведуваат во исхраната на бебето се потенцијален алерген. Затоа е неопходно да воведувате по една нова намирница. И месото не е исклучок, па и кај него треба да се придржувате кон правилото од четири дена помеѓу воведување нова намирница. Пилешкото и говедското се покажале како поалергени од мисиркиното и јагнешкото, а најчеста алергиска реакција на месото е дерматитис (воспаление на кожата). Месните преработки како салама, шунка, пршута, виршли, колбаси – избегнувајте ги во исхраната на бебето поради големото количество сол, адитиви и конзерванси – кои можат штетно да влијаат врз неразвиените бубрези и црн дроб, но и да предизвикаат разни алергиски реакции.
Корисни совети
Внимавајте колку месо ставате во кашичката. Големата количина протеин може да ги оптовари бубрезите на бебето. Затоа се препорачува редовно давање мали количини на месо измешани со зеленчук. На почеток во кашичката од зеленчук ставете неколку коцки месо.
● Тргнете ги мрсните делови, тие не одговараат на потребите на малото дете.
● Најдобро ќе ги зачувате хранливите вредности на месото ако го приготвувате на пареа или ако го варите во помала количина вода или во супа од зеленчук, што подоцна ќе ја измиксирате со месото во вкусна кашичка.
● Бело или црвено месо? Белото месо без кожа содржи помалку заситени масти од црвеното. Тоа е важен податок ако се знае дека тие масти му штетат на организмот доколку се внесат во претерани количини. Освен тоа, белото месо бебето може полесно да го џвака и да го свари. Но, црвеното месо има повеќе железо, кое е важно за малиот организам.
● Остатокот од месната кашичка не е добро да се остави да стои. Затоа, ако по оброкот остане уште кашичка, најдобро е да ја фрлите, а не повторно да ја употребувате.