Воспитување

Во ред е да се биде несовршен – порака важна за менталното здравје на децата и младите

„Пред многу години постоело девојче кое се викало Стефани, а живеело во Њујорк, еден од најголемите и најфреквентни градови во светот. Стефани сонувала да стане светски позната поп-ѕвезда, па сето свое време го поминувала во својата соба пишувајќи песни и пеејќи ги – дури и научила да свири на пијано до својата четврта година.

Кога била тинејџерка, Стефани одела во училиште за пеење и глума, а била толку добра, што наставниците ѝ ги давале сите главни улоги во училишните претстави. Како што растела, почнала да се нарекува себеси Лејди Гага“.

Ова е цитат од книгата за деца „Совршено несовршени приказни“ во која новинарката Лиз Конор, под псевдонимот Лео Поушн, презентира 28 кратки биографски приказни на познати и славни лица, меѓу кои се веќе споменатите Лејди Гага, актерот Карпата, спортистката Серена Вилијамс, научничката Марија Кири, композиторот Лудвиг ван Бетовен и многу други. Она што книгата ја прави посебна е тоа што освен за нивните видливи подеми, авторката отворено зборува и за нивните падови, најчесто скриени од јавноста.

Кога планетарно популарната Лејди Гага пред 10-ина години јавно признала дека била злоупотребена како тинејџерка, откривајќи дека успехот кој го доживеала не успеал да ја намали болката што ја носи уште од детството, јавноста беше шокирана. Лиз Конор во книгата пишува дека Гага понекогаш ја опседнуваат вознемирувачки мисли и се чувствува исплашено, а тоа е затоа што страда од посттрауматско нарушување, кое е последица од случувањата на училиште во времето додека била тинејџерка. Без разлика на сето она што го преживеала, а што оставило траен белег, Лејди Гага тоа не ја спречило да пишува песни, да глуми во филмови, па доби и „Оскар“, а ја испеа и американската химна на инаугурацијата на претседателот Џо Бајден.

„Ваквите книги се многу важни бидејќи кај читателот го зајакнуваат верувањето дека е сосема во ред да се биде несовршен и дека е во ред да се доживуваат тешкотии на емоционален план“, вели Ана Рагуж, психолог во Поликлиниката за заштита на деца и млади на град Загреб и додава: „Децата и младите денес, како никогаш порано, растат изложени на стандардите на совршеност и критериуми на совршеност на толку многу нивоа: изглед, статус, секојдневни активности, пријателство, слободно време. Таквата наметната форма на совршенство е недостижна и неретко доведува до последично чувство на незадоволство, срам, нарушување на сликата за себе, особено во онаа најранлива доба – адолесценцијата“.

Истражувањата, вели Рагуж, покажуваат дека младите во чувствителниот период на адолесценцијата повеќе се изложуваат на социјалната споредба на друштвените мрежи, а тоа го зголемува незадоволството од сопствениот изглед на телото и непријатните емоционални реакции и конечно – ги мотивира уште повеќе да бараат валидизација и повеќе се споредуваат со другите.

– Модни, естрадни, пејачки, спортски и други примери станаа поблиски и подостапни, а нивните презентации на социјалните мрежи се доведени до совршенство – и во најголем број случаи не ја покажуваат другата страна на медалот, онаа животна и ранлива. Се прикажува она што е филтрирано и пожелно. Статусната вредност на нивната популарност ја увидува и целокупната нивна онлајн-заедница, па иако популарноста не подразбира блискост со другите, како ни искрена наклонетост и почит, младите ја доживуваат како показател за туѓите и сопствените вредности и прифаќања.

Со други зборови, бројот на допаѓања, следбеници, коментари, младите често го перципираат како директна мерка за вредност, односно популарност и неретко го изедначуваат со сликата за себе. На пример, девојките под влијание на социјалните норми и медиумите, ги гледаат слабите тела како идеал, момчињата почесто се доживуваат или како дебели или како претерано слаби, бидејќи целта е да се постигнат идеали на мускулност. Младите, гледајќи ги совршените животи на познатите и оние помалку познати инфлуенсери, го доведуваат во прашање својот начин на поминување на времето, својот изглед и слично, па во споредба со она совршеното се обезвреднуваат, понекогаш се и засрамени поради доживувањето на својата „обичност“ и поради соочувањето со многубројните „несовршености“ – наведува психологот Рагуж.

Ранливоста, страдањето, незадоволството, тагата, тегобите, тешките лични и секојдневни искуства, семејните и личните ситуации, како и целиот спектар на тешкотии на план – ментално здравје, остануваат скриени далеку од очите на јавноста.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top