Со секоја нова генерација доаѓа и нов тип перфекционизам, а денешниот „совршен родител“ е внимателно опуштен. Колку и да се вжешти ситуацијата, ваквиот родител нема да ја изгуби контролата. Здивот му останува стабилен, а гласот, мек, објавува Си-ен-ен.

Сум видела многу книги, текстови, апликации, продукти, дизајнирани за да нè претворат сите нас во ваков родител. Се обидувам длабоко да дишам. Се обидувам да ги запомнам добрите нешта. Но, „комплексот на мир“, колку и да е сеприсутен, сепак се менува кога зборувам со моите деца. Јас викам. Потекнувам од семејство на „викачи“. Сметам дека повремениот покачен тон на гласот е во ред, во границите на здравата човечка експресија. Исто така, сакам да викам. Не да збеснам, ниту да врескам, кои дефинитивно ги двојам од викањето како израз на лутина. Она за што зборувам е покачување на тонот со цел да пренесам порака која не успеала да пристигне до примателот со мојот регуларен тон на зборување.

Викањето е инстинктивно и универзално – начин за да се изрази немирот. Да им се забрани категорично на родителите викањето, односно изразувањето на нивниот немир, според мене, е неправедно. Така, продолжувам да викам.

Според експертите, ова не ме прави чудовиште.

Да, викањето може да биде користено како оружје, а може да биде и опасно како такво. Истражувањата покажуваат дека вербалната злоупотреба, во екстремни ситуации, може да нанесе голема психолошка штета како и физичката злоупотреба. Но, викањето може да се користи и како алатка, која им дозволува на родителите да изразат малку лутина, а понекогаш децата слушаат. Разликата помеѓу опасно викање и нормално викање кое подразбира израз на лутина е во содржината и намерата. Висината на тонот на гласот е помалку важна од пораката што се испраќа.

Како да викате

Првото правило на викањето е да се воздржите од давање критики додека викате, вели Елизабет Гершоф, професорка по човечки развој и семејни науки на Универзитетот „Тексас“ во Остин, САД и истражувач во областа на родителската дисциплина. „Облечи ги чевлите!“ е во многу околности совршена реченица за да се изговори со викање. „Не трчај на улица!“, исто така е во ред извик, доколку детето се упатува кон опасната улица. Но, да се нарече детето „бавно“ додека му викате да ги облече чевлите или „глупаво“ додека му викате да не излегува на улица е надвор од контрола и надвор од дозволеното. Родителите, исто така, треба да се воздржат од држење лекции на своите деца за проблемите во однесувањето кога викаат за нешто друго.

– Родителите дозволуваат да се покаже иритацијата во нивниот глас бидејќи сакаат децата да знаат дека се фрустрирани, со надеж дека тоа ќе ги мотивира. Ова може да биде во ред сè додека родителите даваат до знаење дека се фрустрирани со однесувањето, а не од самото дете – вели Гершоф.

Второто правило е да се земе предвид примателот на порака. Малите деца ретко ја разбираат целта на викањето, па ја апсорбираат само фрустрацијата или бесот, објаснува Гершоф. Викањето на малите деца нема да доведе до побрзо дејствување од нивна страна. Исто така, обрнете внимание на тоа како реагира детето на викањето. Сите сме родени со различен темперамент, а некои од нас повеќе се ориентирани кон конфликти отколку другите. За некои деца, викањето значи само родител кој е гласен, а за други, лично обвинување.

– Мојата ќерка, треба само да ја погледнам поинаку и таа веднаш сака да ја поправи грешката. Додека мојот син е различен, па со него мора да повторувам повеќе пати и да го покачувам тонот за да ме послуша. Две деца во исто семејство може да бидат многу различни, а ние мораме да го приспособиме нашиот пристап – вели Гершоф.

Последно, земете ја предвид фреквенцијата на која викате, вели Гершоф. Дете што расте во семејство каде што често се вика веројатно помалку го сфаќа викањето како лична критика отколку дете што расте во помирно семејство.

Сметам дека во моето семејство има некој вид имунитет кон викањето – дајте му на детето постојана доза на врева додека расте и така викањето за него нема да претставува голема закана. Понатамошни резултати од викањето се дека и децата може да викаат, правилата се исти: Не се критикуваме меѓусебно преку викање. Но, зборувано хипотетички, ако родителот не го остава телефонот, детето од седум години има право да го зголеми тонот на гласот и да реагира.

Како да знаете дека викањето ги надминало сите граници

Викањето обично се случува за време на вжештени емотивни моменти, а таквите емоции често го замаглуваат расудувањето. Можеби имаме добра причина да се изнервираме, но кога контролата е изгубена, лесно е човек да претера со реакциите. Карла Наумбург, клинички социјален работник и автор на книгата „Како да престанете да ја губите контролата со своите деца?“, вели дека родителите што се загрижени за нивното викање треба да си ги постават следните прашања: Дали нивното однесување му било објаснето на целото семејство? Имало ли јасна цел и ефект, во однос на тоа зошто биле вознемирени? Ако немало, тогаш викањето може да биде траума за детето.

– Единственото објаснување што детето ќе го има е дека е негова вина и дека е лошо дете. Но, реалноста е дека повеќето деца не ни стигнуваат до тој заклучок и сè што знаат е дека нивните родители, како и целиот свет, се непредвидливи – вели Наумбург. Таа додава дека речиси сите типични, разумно доволно добри родители ќе имаат повремени „експлозивни“ моменти. Додека се повремени, тие може да бидат и корисни. „Сакам моите деца да научат дека луѓето не се однесуваат секогаш перфектно и дека може да се биде во здрава врска со некого дури и ако повремено се случуваат такви експлозивни моменти“, вели таа.

Кога ова ќе се случи, родителите треба да научат да се извинуваат и да се контролираат. Тоа ќе им помогне на децата да вежбаат простување и кон другите, а родителите да применуваат простување кон себеси. Наумбург вели дека разликата помеѓу обидувањето да се биде подобар родител и совршен родител е волјата да се има сочувство за себе кога ќе направиме грешка.

Секогаш можам да кажам кога моето викање е прегласно или целосно сум ја изгубила контролата поради однесувањето на мојот постар син. Во тие моменти тој преминува од фаза на одговарање до фаза на набљудување, обидувајќи се да го разбере она (освен чорапите оставени на под) што навистина ја нервира мајка му. Неговиот поглед се скаменува, а дишењето му се забрзува. Тогаш престанувам. На крајот на краиштата, тој е најдобриот показател за тоа која е разликата помеѓу викањето што може да предизвика штета и она другото, кое во гласно семејство како нашето всушност функционира.

Автор: Елиса Штраус



912

X