Со ништо не може побрзо да се предизвика превртување на очите кај тинејџер од реченица која почнува со зборовите: „Ех, кога јас одев на училиште…“ Но, иако е точно дека кога ние одевме на училиште сè беше различно, факт е дека нашите деца денес живеат во поинаков свет, свет на технологиите што ние го создадовме за нив. И тоа – за учителите и наставниците од постар ков, кои паметат едни поинакви времиња, може да биде многу фрустрирачко, особено кога децата не реагираат на нивните стари, илјадници пати испробани методи.
И без оглед колку ние цврсто веруваме во некакви традиционални начини на работа кои докажано некогаш, пред 20 и повеќе години, даваа резултати, реалноста денес е поинаква и денешните деца живеат во целосно изменет свет, каде што вештините што им се потребни за да постигнат успех во животот се поинакви. А слепото држење до старите норми нема никому да му помогне – ни на учителите ни на децата.

Ако размислувате што треба да промените во начинот на работа за да „допрете“ до вашите ученици и да го задржите нивното внимание, еве три работи што секогаш треба да ги имате на ум.

1.Денешните деца се соочуваат со енормно големо количество информации во секој момент

Замислете само, можете да пронајдете одговор на кое било прашање што ќе ви падне на памет во рок од само неколку секунди. И сето тоа благодарение на развојот на технологијата. Но проблемот е во тоа што за тие неколку секунди најверојатно ќе пронајдете барем 20 различни одговори на истото прашање. Како да се знае која информација е точна? Како да ги разликуваме вистинските од лажните вести, аматерските од стручните ставови? Како децата да знаат на кој извор да му веруваат кога десетици „сигурни извори“ даваат различни информации?
Ние како деца не моравме да се соочуваме со тоа. Имаш учебник, имаш енциклопедија, што ќе најдеш таму – тоа е. Децата во ново време мора да развиваат вештина да проценат и да им дадат приоритет на правилните информации во однос на погрешните – и тоа брзо – така што ефикасноста е една од најважните работи на кои треба да ги научиме децата.
Дополнителен проблем е што во масата информации и содржини повеќето деца брзо ќе помислат дека практично за секоја тема што може да ви падне на памет веќе сè е кажано. Наш предизвик е да ги мотивираме да мислат, да бидат оригинални, да одбираат вистински информации, да ги користат за да создадат свои дела и да научат да решаваат проблеми на иновативен начин.

2. Пристапот до толку големо количество информации доведува до тоа никогаш да не навлезете подлабоко во проблемот

Достапноста до информации им отежнува на денешните деца да се задлабочат во одредена тема и темелно да ја истражат, без оглед колку парадоксално звучи тоа. Мораме да ги научиме децата да држат фокус и да „копаат“ подлабоко во врска со темата што ја истражуваат. Мора да им понудиме методи и начини да ги охрабриме да развиваат вештина за задржување фокус на конкретен проблем. Да не се потпираат само на плитки информации кои се достапни „на првата страница на Гугл“, туку да бараат различни перспективи и пристапи во решавањето проблеми.

3. Потребата секогаш да бидат онлајн лесно го презема приматот во однос на потребата да бидат физички присутни

Технологијата брзо и лесно ќе ве вовлече во зоната на интровертност, само ако ѝ го дозволите тоа. Таа им олеснува на луѓето да се свртат кон некој свој свет и да одбираат информации кои ќе ги опкружуваат така што пред очи ќе им биде само она што сакаат да го гледаат. На социјалните мрежи можете едноставно да креирате свој сопствен мал универзум, филтрирајќи ги луѓето чии ставови и мислења едноставно не сакате да ги чуете. На тој начин почнуваме да живееме во целосно имагинарен свет, оној што сме го создале за себе. Меѓутоа, и тие конекции што ги создаваме користејќи технологија, не се секогаш автентични. А како можеме да растеме и да се развиваме како луѓе ако не сакаме да излеземе од таа своја хомогена зона која толку убаво сме ја изградиле?

Затоа, денес е поважно од кога било учителите да се обидат да создадат здрава социјална интеракција во своето одделение, да развиваат вистински врски, да форсираат тимска работа и да ги научат децата колку е важна офлајн-конекцијата. Кога од училишните клупи ќе одат во вистинскиот свет, ќе мора да знаат како да комуницираат со другите, да споделуваат идеи и мислења, да бидат отворени за предлози од соработниците, колегите. На социјалните мрежи не можат да го научат тоа.

За крај:

Можеби нашите деца немаат ист опсег на внимание како што имавме ние на нивни години. Можеби потешко помнат, побрзо залутуваат, понезаинтересирани се. Но, така е затоа што живеат во свет со неверојатно брз проток на информации кој не го создале самите. Можеби потешко им паѓа соработувањето, тимската работа, но тоа не значи дека немаат квалитети што можат да ги понудат.
Ние, возрасните, сме тие што треба да ја прифатат реалноста. А реалноста е дека не можеме да ги подучуваме на истиот начин на кој нас нè подучувале. Да ги воспитуваме на начин како што нас нè воспитувале. Со тоа им правиме контрауслуга на децата и ги праќаме во светот неподготвени за она што ги чека таму.



912

X