Дали навистина сме заслужиле да добиеме сѐ што посакуваме? Дали навистина максимално сме се потрудиле?
Или сите се однесуваме како заспаната убавица во највисоката кула на маѓепсаниот дворец… Чекаме да дојде принцот и да нѐ бакне… бидејќи така е нормално и очекувано.

Цртаните филмови на „Дизни“, бајките со кои сме растеле, подоцна романтичните комедии и пресмешните чудаци на Dreamworks… а во последно време и мотивациските клипови и страници – се необично важни за да сфатиме дека сме сакани и сигурни и дека на овој свет владеат сили што уредуваат на крај сѐ да биде добро и упатуваат дека љубовта и добрината секогаш победуваат.

Колку што се добри во процесот додека растеме и во тешките дождливи денови кога ништо не ни оди од рака и кога сметаме дека сѐ се срушило, толку во себе кријат една многу опасна порака – дека ние нешто заслужуваме и дека нешто ќе добиеме само затоа што во нашиот личен филм токму ние сме главниот јунак.
Позитивецот…
И херојот…
Од нас толку…
А останатото се подразбира… и ќе се случи само од себе…
Дали навистина е така?
Дали ние навистина сме позитивци?
Дали навистина сме заслужиле да го добиеме сето она што толку многу го сакаме?
Онака, искрено…
Дали навистина максимално сме се потрудиле?
Дали навистина сме дале сѐ од себе?
Дали се менувавме, растевме и се подобрувавме?
Дали влеговме во авантура… и додека траеше, станавме подобри луѓе… ја откривме нашата тајна моќ… и цел… се вљубивме… и го победивме нашиот најголем страв… научивме важна лекција за животот…
Или сите се однесуваме како заспани убавици во највисоката кула на маѓепсаниот дворец…
Чекаме да дојде принцот и да нѐ бакне…
Бидејќи тоа е толку нормално и очекувано.
Тоа се подразбира и на тоа сме навикнале…

Потпирајќи се на интуицијата создадена во детството и потенцирана во шарените списанија, афирмации и љубовни романчиња… на кафињата кај тетките и пријателките, во магазините и практичните жени… менс хелтовите и вежбалниците… поволните астролошки периоди и фантастичните тарот отворања… чудотворните места и фонтани што исполнуваат желба за паричка…
Не знам…
Но она што сигурно го знам е дека понекогаш децата од најлошите можни семејства – алкохоличарски, злоупотребувачки, деца од разведени семејства или без семејства, на кои никој никогаш не им читал бајки – создаваат прекрасни животи.
Стануваат блескав пример на ментално здравје.
И што е многу поважно – стануваат среќни и реализирани.
Токму затоа што ги држат конците на својата судбина во своите раце.
Не очекувајќи хепи енд…
Туку го режираат…
Сцена по сцена…
Полека и упорно…
Секој Божји ден.

Автор: д-р Владимир Ѓуриќ



912

X