Кога ќе дојдете со детето кај педијатар, тоа ви е еднакво на филмот „Добриот, лошиот, грдиот“. Секој го држи своето дете цврсто до себе, родителите се одмеруваат меѓу себе со поглед во стил на Клинт Иствуд за да уочат со која дијагноза го довеле детето. Сите се плашат дека она туѓото ќе го зарази нивното. Кога прашуваш некој од родителите што му е на детето, секогаш добиваш одговор од типот „ништо, само кашла“, „ништо, само има температура 40“, „ништо, само сипаници“, „ништо, само стрептокока“.

Така што, туѓото дете е секогаш заразно, а нашето – никогаш.

Не дај Боже некој од родителите во чекалницата да отвори грицки, на самиот звук од отворањето на тоа магично пакување сите деца моментално ќе се упатат кон тоа лице, а на родителите пред очи им се вртат сите тие детски прстиња во една кеса грицки, па: „еј го видов претходно она девојче како кивна во раката“. На траумите им нема крај. Додека родителите се обидуваат да го сопрат своето сакано чедо и да го привлечат кон себе, тоа исто чедо вреска, негодува, се трга и сето тоа поради грицки, па се обидуваш да му објасниш дека дома имате многу грицки и не треба да го зема она од дадичката (бидејќи сме пристојни, а не бидејќи не сакаме размена на бактерии преку пакетчето).

Излегува медицинската сестра и дели броеви, како во банка, за родителите да не се расправаат околу тоа кој е на ред, меѓутоа, сеедно успеваат да се искараат поради бројот, па тргнува расправијата кој го заслужил најмалиот реден број и чие стапало прво преминало преку магичната црта од влезот во чекалницата.

Падобранец „Јас само да прашам“

И секогаш доаѓа еден падобранец „Јас само да прашам“ кој влегува преку ред. Чука на вратата од ординацијата додека другите родители го меркаат, пцујат во себе, но се обидуваат да задржат доволно интегритет за да премолчат. Тој влегува со детето и ја затвора целосно вратата зад себе, одејќи назад и со на половина спуштени капаци гледајќи група несреќници во ходникот, што кај остатокот од оние што чекаат предизвикува почеток на изговарање на претходно нереченото наглас, бидејќи ако ја затворил вратата зад себе, сигурно нема да биде само „секунда-две“…

„Јас само да прашам“ дошол по упат за дерматолошки преглед поради мозолче на брадата на детето, но се сетил и дека детето пред 4 дена двапати се накашлало, па би добро докторката да го прегледа, никогаш не се знае. А бидејќи е веќе тука, докторката би можела и да го измери детето, чисто да бидеме сигурни, па кога веќе ги соблече чевлите, може да му ги види и стапалата, којзнае можеби има рамни стапала, со тоа нема шегување, а истовремено ѝ се жали на докторката дека има афта во устата, па докторката треба и тоа да го провери, а немал време да оди кај својата докторка. По 28 минути излегува надвор извинувајќи се со погледот, меѓутоа, оние искусни „чекачи“ можат да ја забележат задоволната насмевка на крајот од усните. Низ град 20 дена се зборува за тој дрзок човек.

И така… доаѓаш во ординација во 6:30 да бидеш прв, но те пречекуваат веќе 35 луѓе, доаѓаш на ред околу 13:45. Новопечените родители доаѓаат околу 10 и не понесуваат со себе храна и пијалак (новите се секогаш смешни). Искусните носат со себе печено пиле, 2 литри вода, 3 енергетски плочки, банана перница и перница за седење (кој може да седи на оние студени дрвени клупи?), боенка за детето, различни играчки, топка, трамбулина…

Навистина е забавно, тотален адреналински излет.

Автор: Карла Медиќ

Извор



912

X