Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

Надица Илиевска, дипломиран нутриционист

„Нутриционист консалтинг“
тел. 078 221 044
е-пошта: nutricionistkonsalting@gmail.com

Повеќе од авторот

Пробиотиците произведуваат материи кои имаат позитивно влијание создавајќи ефект на бариера за патогените

Иако неодамна важноста на пробиотиците за дигестивниот и имунолошкиот систем на човекот стана топ-тема, која на многумина им личи на уште еден тренд во исхраната, природна пробиотска, ферментирана храна човекот користи со векови наназад. Денес науката го докажа значењето и дејството на пробиотиците врз севкупното здравје. Здравиот човечки интестинален тракт содржи безброј видови добри бактерии што имаат многу функции, а обезбедувањето правилна дигестија на храната и помош во борба против болестите се само некои од нив.
Добрите бактерии, спротивно на патогените бактерии што предизвикуваат заболувања, се наоѓаат во природно ферментираната храна како јогуртот, кефирот, киселото млеко. Но и во киселата зелка и во сите ферментирани зеленчуци кои не се подложени на пастеризација која ги уништува пробиотиците. Присуството на пробиотиците во дигестивниот тракт ја подобрува цревната микрофлора и овозможува здравствени придобивки. Имајќи предвид дека децата често имаат проблеми со болки во стомакот, дијареја или опстипација, намирници богати со пробиотици и пребиотици се голем дел од решението бидејќи го подобруваат варењето на храната и ја зголемуваат отпорноста на организмот. Децата, особено оние што примале антибиотска терапија, имаат нарушен баланс на цревна микрофлора и неопходно е подолготрајно да консумираат пробиотска храна и суплементи.
На кој начин дејствуваат пробиотиците? Тие произведуваат материи што имаат позитивно влијание создавајќи ефект на бариера за патогените. На тој начин ги намалуваат воспаленијата и го контролираат растот на штетните бактерии, паразитите и габите. Пробиотиците ги намалуваат воспаленијата на синусите, отитиси, а најновите истражувања покажаа дека го намалуваат и ризикот од алергиска егзема. Имајќи предвид дека децата најчесто подлегнуваат на овие заболувања, исхраната богата со пробиотици е особено благотворна за нив.


Јогуртот, кефирот и киселото млеко треба да бидат секојдневно вклучени во нивната исхрана, а навиката да консумираат ферментиран зеленчук треба да се негува од најмала возраст. Науката ја докажа важноста на одржувањето на добрата цревна флора за здравјето, но покрај пробиотиците не треба да заборавиме и на пребиотиците. Пребиотиците го помагаат растот и одржувањето на пробиотиците. Најдобар извор на пребиотици се недигестибилните билни влакна. Речиси сите зеленчуци се богати со билни влакна, а тоа е уште една причина децата секој ден да консумираат зеленчук. Друг богат извор на пребиотски билни влакна е инулинот, кој се наоѓа во цикоријата и рогачот. Затоа почесто подготвувајте им на децата пијалак од од овие подзаборавени намирници, многу се вкусни, и не само децата, и возрасните може да уживаат во нивниот вкус.



912

X