Без сомнение, трите најважни работи во воспитувањето тинејџер се следните: однос, однос и однос. Тоа е она што нè врзува и што го одредува основниот тон на нашите животи. Без него, сè почнува да се распаѓа многу брзо.

Односот е еликсир за исцрпени емоции и стресен живот.

Во голема мера, во тој дел го жнееме она што сме го посеале. Вашето дете постојано собира искуства, а во тинејџерските години ќе ги искористи. Ако не сте вложиле многу во неговото детство, ќе имате проблеми. Неговото добро тинејџерско однесување не можете да го купите со пари или мобилни телефони и не можете да барате почит ако не сте се потрудиле да ја заработите.

На крајот на краиштата, може, но веројатно нема да ве однесе никаде, само ќе копате уште подлабоко.

Сите дисциплински системи се засноваат на цврста основа на односите. Без таква основа немате инвестиција што би можеле да ја наплатите. Прво мора да развиете основна врска пред да започнете да издавате наредби.

Ако сте еден од оние родители што постигнале дисциплина преку страв додека нивните деца биле мали, тогаш наскоро ќе бидете во неволја, ако веќе не сте. Стравот функционира само додека децата не станат поголеми од вас. Ако престанат да се плашат, ќе бидете надиграни. Тогаш, сепак, не обвинувајте ги: ако владеете со страв, тогаш на крајот ќе треба да одговарате за тоа, и тоа е фер.

Таква отсекогаш била судбината на диктаторите.

Врската е важна затоа што на децата очајно ќе им треба родител кој ќе им помогне да ги преживеат тие турбулентни години. Им треба некој на кој ќе можат да се потпрат, некој за кој знаат дека секогаш ќе биде на нивна страна, во добро или во лошо. Сепак, не им треба наивна личност што ќе верува во сето она што ќе го кажат. Напротив, им треба некој кој разбира дека понекогаш најдобриот начин да заштитите личност за која се грижите е едноставно да ѝ дозволите малку да ги соголи колената. Вашите деца треба да знаат дека секогаш ќе ги сакате, но и дека секогаш ќе ги сметате за одговорни за нивното однесување.

Она што не им треба е да им бидете пријател. Тој избор е лош и речиси секогаш завршува со солзи. Светот е полн со потенцијални пријатели, но вашите деца имаат само една мајка и само еден татко. Ако изгубите пријател, секогаш можете да стекнете нови пријатели, но никогаш не можете да најдете нов татко или нова мајка. Имате само еден. Не можете да бидете родител и пријател. Родителите го прават она што нивните пријатели можеби го сакаат или не.

Родителите носат тешки одлуки и велат не.

Вие сте нивниот родител, а не нивни пријател. Тоа не значи дека не можете да поминувате време со нив, да разговарате или да се глупирате, бидејќи без сомнение сето тоа е потребно. Забавувајте се со нив секогаш кога можете, само не отфрлајте ја улогата на родител во корист на другарството.

Родителите кои се обидуваат да бидат пријатели со своите деца изгледаат како неприфатени деца кои очајно се обидуваат да им се допаднат на прифатените деца. Никогаш нема да успеете, а децата ќе се однесуваат лошо кон вас.

Автор: Најџел Лата, „Тинејџери – како да им поставите граници и притоа да ги задржите нервите“
Извор



912

X